Во ерупцијата на вулканот во Гватемала загинале 75 лица, но едно бебе успеало да го преживее вистинскиот пекол

Катастрофата на различни нивоа погодила вкупно 1,7 милиони Гватемалци.

Во ерупцијата на вулканот Фуего во Гватемала, која се случила во неделата, загинале 75 лица, а речиси 200 се водат како исчезнати, објавиле властите. Според Институтот за форензика, 75 лица загинале во таа катастрофа, откако биле откриени уште две тела во вторникот, а досега биле идентификувани само 23 лица.

Серхио Кабанас, директор на националната агенција за управување со природни катастрофи, во вторникот на новинарите им рекол дека 192 лица, со чии имиња и места на живеење се располага, се сметаат за исчезнати од неделата.

Во ерупцијата биле повредени 46 лица, а евакуирани 3.271.Катастрофата на различни нивоа погодила вкупно 1,7 милиони Гватемалци.

Во понеделникот, само ден по ерупцијата на вулканот, брегот на Гватемала го погодил и земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтер. Епицентарот бил во Пацификот на длабочина од 10 километри, објавил американскиот геолошки центар. Во потресот немало жртви.

 

Страшната моќ на вулканот најдобро може да се види од видеото кое било снимено од еден камион во моментите кога се случила ерупцијата. Возачот забележал дека му се приближува голем облак од пепел, а во позадина може да слушне испаничен глас.

“Мора да бегаме, оди кон нас. Ајде!”.

Возачот полукружно се свртил на сред пат, но набрзо бил проголтан од облакот.

 

По сите тие трагични настани, од Гватемала сепак стигнала и една позитивна приказна. Имено, на социјалните мрежи се појавила снимка од селото Сан Мигел Лос Лотес, на која се гледа како храбар полицаец од урнатини и пепел вади живо и здраво бебе.

Локалните медиуми овој настан го прогласиле за големо чудо, бидејќи е неверојатно дека бебето останало неповредено во една од најголемите природни катастрофи во историјата на таа земја.

Leave a comment

error: Content is protected !!