Умре Коко, најпознатата горила на светот

Во Калифорнија умрела Коко, најпознатата горила на светот, на возраст од 46 години. Како што јавува “BBC”, Коко била способна да комуницира на знаковен јазик, користејќи повеќе од 1.000 знаци.

На американскиот знаковен јазик ја научиле инструкторите кои тврделе дека Коко го користи за да ги искаже своите мисли и чувства. Нејзините способности ги документирала психологот Франсине Петерсон, а изгледа дека Коко разбирала и малку англиски јазик.

Коко посвоила и имала неколку миленичиња, вклучувајќи и едно маче кое се викало Ал Бал, јавува “BBC”.

 

Била прв амбасадор на загрозените видови

“Коко – горилата позната по својата извонредна способност за говор на знаковен јазик и првата амбасадорка на загрозените видови, почина вчера наутро во сон на возраст од 46 години”, известиле од Фондацијата за горили.

“Коко ги допре животите на милиони како амбасадорка на горилите, а беше и икона за комуникацијата меѓу видовите. Беше сакана и многу ќе ни недостасува”, додале тие.

Се верува дека Коко имала IQ меѓу 75 и 95 и дека разбирала околу 2.000 зборови од говорниот англиски. Просечниот “IQ” за луѓето на тестовите е 100, додека повеќето луѓе имаат резултат од 85 до 115.

Коко е родена во зоолошката во Сан Франциско, а најголем дел од својот живот минала во Фондацијата за горили во Калифорнија, јавува “BBC”.

Leave a comment

error: Content is protected !!