Украле песок од плажа – им се заканува 6 години затвор

На еден пар од Франција кој бил фатен со 40 килограми песок во автомобилот, кога заминувал од Сардинија, му се заканува затворска казна од 6 години.

Тие изјавиле дека песокот го земале како сувенир и дека не биле свесни дека го кршат законот. Имено, познатиот сардиниски бел песок се смета за јавно добро и строго е забрането да се изнесува од островот.

Со години локалното население се бунело поради крадците кои ги краделе природните знаменитости, вклучувајќи го и песокот, поради што би донесен закон со кој се забранува изнесување на песок и школки од островот.

Туристите, најмногу Европејци, а меѓу нив и Италијанци, песокот го ставаат во шишиња и потоа го продаваат на он-лајн аукции.

Според законот донесен во 2017-та, трговијата со песок и школки е илегална и се казнува со парични износи до 3.000 евра.

На францускиот пар сега му се заканува затворска казна меѓу една и шест години поради кражба, и тоа со отежнувачка околност бидејќи се работи за кражба на имот кој е од јавно добро.

Французите песокот го ставиле во 14 пластични шишиња, а го земале од плажата Чиа, која се наоѓа на јужниот дел од Сардинија. Полицијата го пронашла во нивниот автомобил додека чекале да се качат на траект за Тулон.

Властите се загрижени бидејќи од островот годишно исчезнуваат неколку тони од овој драгоцен песок.

Leave a comment

error: Content is protected !!