Трагале по исчезнато дете, а откриле 11 деца под земја: Живееле во нечовечки услови, без храна, вода и струја

Во еден магацин во американската сојузна држава Ново Мексико биле пронајдени 11 изгладените деца на возраст од 1 до 15 години. Децата биле чувани во ужасни услови под стража на вооружени мажи, соопштила полицијата.

“Полицаец сум 30 години, но такво нешто никогаш не сум видел. Тоа е неверојатно”, рекол шерифот Џери Хогрефе.

“Беа толку слаби што им се гледаа ребрата, валкани и исплашени. Во зафрлената скривница немаше ни струја ни вода, а единствена храна им беа неколку компири и кутија ориз”, изјавил шерифот.

Додал дека децата биле боси. Полицијата тргнала во акција откако добила порака “Умираме од глад, потребна ни е вода и храна”. Извршен бил претрес, кога биле пронајдени децата во страшна состојба, а двајца мажи биле уапсени.

Полицијата ја спровела оваа операција во рамки на потрагата по тригодишно дете кое исчезнало пред неколку месеци. Потрагата започнала минатата година во Џонсборо во Џорџија, кога Сирај Вахај бил обвинет дека го киднапирал своето дете.

Шерифот издал налог за претрес на “бараки окружени со автомобилски гуми и земјен ѕид” во селската општина Амалија, бидејќи мислеле дека таму се кријат Вахај и уште еден маж – Лукас Мортен.

На 3. август утрото неколку полицајци тргнале во акција и откриле камп-куќичка закопана во земја, покриена со пластика, без вода, канализација и струја и двајца мажи вооружени со пушки “AR-15”. Тие биле уапсени, како и три жени за кои постои сомнение дека се мајки на децата.

Leave a comment

error: Content is protected !!