Тој ќе биде првиот патник: Илон Маск ќе го испрати јапонскиот милијардер на Месечината

Директорот на компанијата SpaceX, Илон Маск, открил дека јапонскиот милијардер Јусаку Маезава, основач на компанијата Zozotown ќе биде првиот приватен патник на пат околу Месечината.

За оваа мисија, SpaceX ќе ја користи својата масивна ракета наречена Big Falcon Rocket или накратко BFR. Маезава планира да тргне на пат најрано во 2023 година, а со себе сака да понесе и уметници со цел да го претвори патувањето во уметнички проект наречен #dearMoon. По најавата за мисијата е покрената и веб-страница.

“Конечно можам да ви кажам дека одлучив да заминам на Месечината и тоа со уметници”, изјавил Маезава, најавувајќи го своето патување на настанот на компанијата SpaceX.

42-годишниот јапонски милијардер поседува богатство кое се проценува на 2,9 милијарди долари. Тој е исто така колекционер на уметнички дела, а минатата година потрошил 110,5 милиони долари на слика од Жан Мишел Баскијат од 1982 година наречена Untitled.

Јусаку соопштил дека ги купил сите седишта на ракетата и дека се радува на мисијата на Месечината која ќе трае седум дена. Со себе ќе понесе уште шест уметници од различни сфери како сликари, музичари, режисери на филмови и др.

SpaceX се уште го нема објавено програмот за тренинг кој Маезава би требало да го пројде пред патувањето. Развојот на ракетата BFR ќе чини близу пет милијарди долари.

Leave a comment

error: Content is protected !!