Таа го преживеала страшниот земјотрес: Бебето Рефи спасено од урнатините

Од урнатините на џамијата која е оштетена во силен земјотрес на островот Ломбок во Индонезија, војниците извлекле уште едно лице.

На видео снимките се гледаат војници и спасувачи кои извлекуваат маж со бела капа и бела облека, под урнатиот кров на џамијата.

Агенцијата “Кјодо” наведува дека во џамијата во селото Ладинг-Ладинг на северот на Ломбок, во тек била молитва кога земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтер, во неделата го погодил островот. Во тој земјотрес загинале 104 лица, а повредени биле повеќе од 200.

Една од среќничките кои успеале да преживеат и биле извлечени од урнатините 10-месеченото бебе Рефи. Малото девојче сега е под будното око на лекарите, кои се грижат за неа во болница во Тадџонг.

Службениците навеле дека во привремените засолништа се наоѓаат околу 20.000 луѓе, дека многумина спијат под ведро небо, но и дека имаат проблем со вода за пиење. Стотина туристи и работници и натаму се обидуваат да го напуштат Ломбок, каде нема струја и каде хотелите се оштетени. На локалниот аеродром бројни туристи спијат на под и чекаат летови.

Земјотресот го погодил и соседниот остров Бали, каде загинале неколку лица.

Медиумите потсетуваат дека Ломбок на 29. јули исто така бил погоден од земјотрес, со јачина од 6,4 степени, кога загинале 17 лица.

Leave a comment

error: Content is protected !!