Што највеќе ги мачи жените во Македонија?

Последните неколку години, актуелни се Фејсбук групи каде што македонските жени споделуваат искуства, совети, прашања, случки.

Често прашуваат за одредени лекови за болести, за нивните дечиња, каде да купат некој производ или пак со што да го изненадат својот сопруг. Голем дел од нив пред 60 000 членки на групите ги отвараат душите и ја споделуваат својата мака.

Неодамна една членка побара совет како да се откаже од алкохолот. „Пијам со години по три лименки пиво секој ден. Кога мојот сопруг не е на работа, одам наутро во продавница и скришно ги пијам во автомобил трите лименчиња. Дали сум алкохоличар?“ На нејзиното прашање, се надоврзаа секакви коментари, дел ја поддржуваа и велеа дека не е алкохоличар и дека тоа е нормално, а друг дел пак веднаш ја упатија кај стручни лица. Но, не секогаш советите во групите се меродавни.

Друга жена пак очигледно во неизлезна ситуација, го нудеше својот бубрег на продажба во една од женските групи. Голем дел од жените бараат лекови за болести, изгореници, рани, плускавци, а како совет добиваат чудни „иљачи“- масло направено од глувчиња, пердуви, посета на бајачи и гатачи, па дури и адети ( ќе се качиш на дрво и ќе викаш сакам туѓи мажи и ќе ти помине).

Во женските групи постојано има караници и несогласувања, па често знаат „да летаат пердуви“. Една членка напиша- „Што има Лила да се мажи по трет пат, место да гледа синот да си го ожени, таа земала ќе бара пак маж. Срамота“. Овој коментар веднаш предизвика лавина реакции во кои ја советуваа помалку да гледа за туѓи животи, а повеќе за својот.

Понекогаш овие женски групи знаат да бидат иритантни и членките да се изнервираат од секакви прашања или незнаење, но најчесто се доста корисни за секоја жена. На пример, во нив може да дознаете која е најдобра фризерка, козметичарка, каде да купите најубави торти и колачи, каде да прославите најевтин роденден за детето и уште многу други корисни информации. Се споделуваат и рецепти, па често има и натпревари во најдобро зготвена храна.

Доколку сакате и вие да размените некој совет и мислење, да поставите прашање или пак едноставно да си најдете нови пријателки, зачленете се во една од 15-те Фејсбук групи за жени.

Leave a comment

error: Content is protected !!