Спасувал луѓе од терористи во Лондон, а поради тоа сега живот на овој Романец е уништен

Флорин, пекарот од Романија, бил вистински херој за време на терористичкиот напад во Лондон пред една година кај Лондонскиот мост, кога настрадале 8 луѓе, а повредени биле 48.

Флорин Морариу на 3.јуни 2017 година им помагал на луѓето кои се нашле на местото каде терористите убивале луѓе со ножеви. Тој ги праќал да побараат спас во пекарата во која работел, а потоа храбро им се спротивставувал на терористите, па дури и онеспособил еден од нив.

Флорин спасил најмалку 15 луѓе кои се нашле на погрешно место во погрешно време, а истата ноќ станал ѕвезда. Тој го снимил и првото видео од хаосот кој се случувал и го поставил на интернет, а снимката набрзо ја преземале сите водечки медиумски куќи. Сепак, тоа го чинело животот кој дотогаш го живеел во престолнината на Велика Британија.

 

“Бев задоволен на работа, убаво се согласував со луѓето. Мојот живот конечно беше стабилен, се до тој момент“, вели овој храбар 33-годишен маж од Романија.

Кога пораснала неговата популарност, започнал и неговиот пекол. Набрзо бил замолен да го напушти станот кој го изнајмувал, бидејќи останатите станари се плашеле дека ИСИС би можела да се одмазди.

“Луѓето беа исплашени, тоа е нормално. Сопственичката е навистина прекрасна жена која плачеше додека ми соопштуваше дека останатите станари се плашат од одмазда на терористите на ИСИС. Со неа се уште сум во контакт“, вели тој.

Вели дека му било јасно мора да се отсели, но не бил подготвен за тоа што му се случуваво подоцна, не знаел што да прави. Од истите причини поради кои го напуштил претходниот стан, никој друг не сакал да му изнајми живеалиште.

“Разбирав дека луѓето се плашат да ме пуштат во своите станови. Мојата фотографија беше на сите вести, на сите телевизии, весници… Шетав така со својот куфер без да знам каде ќе одам. Стана речиси невозможно да бидам обичен додека моите фотографии кружат низ светот“.

Во пекарата во која се се случило не сакал да се врати, бидејќи верува дека таму ќе бил многу лесна мета.

Од тогаш боледува до посттрауаматски стрес, пуши цигари, а бил принуден и да се врати во Романија, од каде заминал во потрага по подобар живот.

Бил пофален од премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во британскиот парламент. Му ветувале разна помош, но младиот пекар морал да ја напушти државата во која вредно работел и плаќал данок.

“Не ми беше потребно да ме нарекуваат херој, направив нормална работа. Само ми беше потребна малку поддршка“, рекол тој.

По една година, Флорин го посетил Лондон за да им оддаде почит на загинатите во тој напад.

“Не е лесно повторно да се биде тука. Се сеќавам како умираа луѓето. Лежеа избодени по тротоарот. Беше хаос”, се потсетува Флорин и додава дека сака да се најде со преживеаните во нападот и да открие како се снаоѓаат по шокот и стресот.

На прашањето дали повторно би го направил истото без разлика на лошиот резултат, тој вели. “Тоа беше спонтана реакција. Сега велам дека би го направил, а можеби и нема. Тоа е работа што ја одлучува еден момент“.

Leave a comment

error: Content is protected !!