Скопската Зоолошка градина со нов тим работи на подобрување на условите- Наскоро пристигнуваат и нови жители

Зоолошката градина во Скопје неодамна доби нов директор, а од таму ветуваат и подобрување на условите за животните, како и многу новитети и настани.

Ѓорѓи Галетановски, од пред неколку дена е новиот директор на Скопската Зоолошка. Директорот изјави дека ќе се заложи најпрво да се поведе ред околу хигиената, како и реновирање на старите живеалишта на дел од животните. Во Зоолошката се подготвуваат и многу нови настани и новитети кои ќе ја збогатат забавната и едукативна содржина за посетителите.

Покрај 300 видови на животни колку што брои Зоолошката градина, посетителите може да уживаат и во забавни содржини. Едукативниот центар е идеално катче за прослава на детски родендени- место каде што децата ќе може да научат повеќе за сите животински видови, како и одблиску да се дружат со жителите на Зоолошка. Прослава на родендени може да се прави и во кафулето кое што се наоѓа веднаш до влезот на градината. Тука се и едукативните тури за посетители, како и возењето на легендарното вовче и јавање пони коњчиња. За оние кои сакаат контакт и дружба со егзотични животни- тука е турата за запознавање со лемурите.

Дознаваме дека Зоолошката Градина ќе покрене кампања за да се покрене свеста на посетителите да не се хранат животните со се и сешто, како и да не се фрлаат предмети во живеалиштата. Ова е горлив проблем со кој скопската Зоолошка градина се соочува со години,а од таму велат дека е крајно време, посетителите да сфатат дека не треба да им се дава храна од надвор на животните. Тие си имаат посебно мени и дневна препорачана доза на храна. За нив се готви во посебна кујна, а секое животинче си има оброк составен од неговата омилена храна.

Во август во Зоолошката треба да пристигнат две слоници, а во септември и шимпанза. Живеалиштата за овие животни се комплетно готови и правени по светски стандарди.

 

Leave a comment

error: Content is protected !!