Љубовна приказна: Се венчаа на пауза за ручек, а кумата ја сретнаа по пат

Починатиот Драган Николиќ и Милена Дравиќ беа еден од најубавите парови на актерската сцена во поранешна Југославија.

Целата нивна љубов започнала многу едноставно, а многу би рекле дека тоа било судбина. Се запознале на снимањето на филмот „Хороскоп“ во 1969 година. Милена веќе тогаш уживала голема популарност низ сите држави во Југославија, а Гага се уште се борел за своето место, во тоа време имал снимено четири филмови.  Веќе од првата средба имале впечаток дека се познавале цел живот. Милена веднаш го привлекла Драган.

„Кога и пријдов, имав впечаток дека е девојка од соседството која ја познавам цел живот. Токму во тоа беше нејзината вистинска големина. Ме освои со својата непосредност и нормалност“- раскажуваше починатиот Драган.

Се венчале во 1971 година и тоа на пауза од снимање.

„Снимавме во Звездарска шума, драмата на Душко Радовиќ- „Како се сакаа две будали“. Кога режисерот Аца Ѓорѓевиќ ни даде слободно време за ручек, Драган и јас скокнавме до Општина Врачар да се венчаме. Така беше, се венчавме на пауза за ручек“- раскажа Милена Дравиќ.

А додека стигнале до местото на венчавањето, нивното друштво уште малку се проширило.

„ На патот до општината ни се придружи Сека Саблиќ која ни беше кума. Таа и Драган беа добри пријатели, се дружеа уште од Факултетот за драмски уметности, каде беа во иста класа. Кога завршивме кај матичарот и официјално станавме брачен пар отидовме на ручек. Потоа се вративме во опсерваторијата на Звездара и продолживме со снимање како ништо да не било“- го опиша Милена денот на нивната венчавка.

И Сека Сабљиќ еднаш раскажа за нивната љубов:

„Драган и јас бевме како брат и сестра. Кога ми кажа дека се „смувал“ со Милена, јас му реков- Немој да ме лажеш. Милена беше ѕвезда, но за него набрзо стана неговата Милена“

Leave a comment

error: Content is protected !!