Се вакцинирал сам – “Социјалните мрежи шират лажна паника за вакцините”

Американски тинејџер кој ѝ пркосел на својата мајка антиваксер, сведочел пред Конгресот и изјавил дека неговата мајка била под влијание на социјалните мрежи.

Итан Линденбергер, тинејџер од Норволк, Охајо, заминал во Вашингтон за да зборува пред Комитетот за здравство, образование, работа и пензија на панел-дискусијата со здравствени експерти.

Тој рекол дека, кога требало да тргне во средно училиште, ја прашал својата мајка зошто не е вакциниран, а таа често му покажувала дезинформации кои ги пронаоѓала на интернет и на социјалните мрежи и никогаш не им верувала на здравствените лица.

Тинејџерот се потсетил дека ѝ покажал напис од Центарот за контрола и превенција на болести и дека таа секогаш одговарала скептично на таквите истражувања.

“Тоа е она што тие сакаат да го мислиш, ми велеше”, изјавил Итан.

Во делот на сослушувањата со прашања и одговори, Линденбергер го именувал Фејсбук како еден од изворите од кои неговата мајка собирала информации за погрешно да тврди дека вакцините можат да им нанесат штета на децата. Тој додал и дека таа споделувала и видео снимка со лажни вести на Фејсбук, но и дека “со цела почит и љубов”, тој не се сложува со нејзиното мислење.

Додека бил средношколец, научил да истражува и дебатира и дознал дека “секогаш постојат две страни во дискусијата”, но и дека тоа не важи кога станува збор за дебатите околу вакцините.

Ова не е првпат Фејсбук да е обвинет дека е платформа која поттикнува ширење на лажни вести за здравјето. Одговарајќи на критики минатиот месец, компанијата соопштила дека “презела чекори” за да ја намали количината на дезинформации во врска со антиваксерските објави.

До сослушувањето пред Комитетот во Конгресот дошло по избивање на нови епидемии на мали сипаници ширум САД. Линденбергер сам одлучил да се вакцинира и наспроти желбата на своите родители, но не знаел како и што треба да направи, па побарал совети на Редит.

“Поради нивните уверувања никогаш не сум бил вакциниран, Господ знае како останав жив”, напишал тинејџерот на форумот, а во декември минатата година конечно се вакцинирал.

Луѓето кои одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца станаа глобална закана по здравјето во 2019 година, известува Светската здравствена организација.

Leave a comment

error: Content is protected !!