Босанските тинејџерки кои во 2014-та година побегнале од Австрија за да се приклучат кон ИСИС, Сабина Селимовиќ и Самра Кашиновиќ, сега се меѓу жените на џихадистите кои молат да се вратат во Европа.
Кога одлучиле да им се приклучат на џихадистите имале по 14 и 15 години и многу брзо завршиле на насловните страни во европските медиуми. Минатите години за нив доаѓале разни информации, па дури и дека загинале.
Меѓутоа, според последните информации на Канцеларијата за заштита на уставот и разбивање на тероризмот, двете девојки се живи, имаат деца и молат да се вратат назад во Виена.
Една Британка, која исто така е невеста на Исламската држава, тврди дека девојките, кои сега се полнолетни, се заедно со своите деца во кампот во близина на Идлиб на курдско-сириската граница.
Иако законски гледано двете имаат австриско државјанство, и имаат право да се вратат, ставот на австриското МНР е воздржан околу нивното враќање, посебно бидејќи се претпоставува дека двете учествувале во борбите.
Министерството за надворешни работи, меѓутоа, е подготвено да им помогне на тинејџерките да се вратат.
Сабина и Самра со своите семејства живееле во Виена пред да побегнат во Сирија. Откако позирале држејќи пушки во рацете и отворено ја поддржале ИСИС на социјалните мрежи, станале светски познати како “нови лица на џихадот.”