Русин против пајак: Ако се прашувам јас, мојот автомобил нема да го однесете!

Не е чудно да гледаме сопственик чие возило е однесено од пајак како се расправа со работниците на паркинг сервисот, но не се случува баш често возачот целосно да ги изгуби нервите и да одлучи да побегне со автомобилот од пајакот.

Возачите знаат дека единствена шанса да го спречат носењето на автомобилот им е правовремена реакција пред пајакот да го крене нивното возило.

Со малку убедување и среќа, понекогаш можете да ги убедите работниците на паркинг сервисот да ви го спуштат кренатото возило. Меѓутоа, доколку тие се одлучни акцијата да ја спроведат до крај, немате многу избор освен да одите до паркингот на кој се чуваат однесените возила и да ја ставите раката во паричникот.

За еден Русин тоа не било опција – тој одлучил својот веќе кренат автомобил сам да го “ослободи” од пајакот, а таквата операција никогаш не завршува добро по автомобилот.

Спуштањето на автомобилите од пајак на ваков начин не е препорачливо од повеќе причини, а една од најважните е фактот дека тоа ќе предизвика значително поголема штета од казната за погрешно паркирање.

Освен тоа, можете некого да повредите, а веројатно ќе добиете дополнителна прекршочна пријава. Не знаеме точно кои биле причините за ваквата постапка на возачот, но какви и да биле, ваквата реакција не е решение на проблемот.

Како што пренесува сајтот “Autonews.ru”, полицијата му наложила на пајакот да го однесе автомобилот откако на московскиот аеродром Внуково сопрела возило и утврдила дека возачот не е сопственик на истото.

Иако вистинскиот сопственик во меѓувреме се јавил и кажал дека навистина му го продал возилото на возачот, автомобилот веќе бил подготвен за носење. Возачот ги изгубил нервите, а остатокот од приказната можете да го видите на приложеното видео.

И покрај штетата на возилото, сопственикот не се загрижил многу и рекол дека има свој сервис и потребното знаење за да го поправи.

Leave a comment

error: Content is protected !!