Решена судбината на Адолф Хитлер: Француски научници докажале што навистина се случило со него по Втората светска војна

Француските научници ја потврдиле официјалната теорија дека Адолф Хитлер се самоубил во својот бункер во април 1945. година.

Иако кружеле разни теории на заговори – едни тврделе дека со својата љубовница Ева Браун со подморница побегнал во Аргентина, според друга теорија бил виден во Колумбија окружен со други нацисти, а во 1980-тите години протекла и приказна дека се оженил со млада Бразилка – сега, секое сомнение треба да биде отстрането.

Истражувањето на француските научници, објавено во научното списание “European Journal of Internal Medicine”, под наслов “Остатоците на Адолф Хитлер: Биомедицинска анализа и дефинитивна идентификација”, докажуваат дека Хитлер навистина извршил самоубиство.

Имено, Французите го споредиле денталниот картон на Хитлер со вилицата која руските тајни служби ја чуваат во московскиот архив – советските војници во 1945. година наводно го земале черепот на Хитлер од Берлинскиот бункер и го однеле во Москва – и се увериле дека примероците во целост се поклопуваат.

Раководителот на истражувањето, професор Филип Шаријер, изјавил дека го идентификувале според многу необичните протези. Хитлер, иако имал 56 години, имал само пет свои заби и специфична протеза. Дополнителната потврда била извршена со микроскопски преглед на забите на кои немало ни траг од месо, а бидејќи Хитлер бил вегетаријанец, тоа на научниците им одело во прилог за да ја потврдат тезата за самоубиството.

Исто така, на протезите била забележана и сина наслага која би требало да сугерира дека Хитлер испил цијанид пред да се застрела со пиштол, како што гласи и официјалната верзија на настанот.

Овие резултати се косат со резултатите од истражувањето на Универзитетот во Конетикат, кои во 2009. година предизвикале сензација со тврдењето дека черепот кој се чува во Москва не е автентичен, и дека припаѓа на жена.

Leave a comment

error: Content is protected !!