Рецепт на денот: Домашен Биг Мек како од Мекдоналдс

Сите го сакаме Мекдоналдс и неговите неодоливо вкусни бургери, но за жал во Македонија повеќе ги нема рестораните на овој американски бренд.

Доколку сте носталгични по Мекдоналдс и дома може да си направите речиси идентичен Биг Мек бургер.

Потребни состојки за шест Биг Мек сендвичи:

600 грама мелено јунешко месо ( 70 % кртина, 30 % врат, сето тоа заедно измешано и измелено)

Ајсберг салата ( исецкана на помали парчиња како зелка)

Ситно исечкан кромид кој ќе го карамелизирате

Кисели краставички

Шест парчиња ( околу 200 грама) Чедар кашкавал. Можете да купите тост чедар кашкавал кој чини околу 65 денари или пак вистински чедар кој чини околу 450 ден/кг

Специјален бургер сос- Најблиску до вистинскиот бургер сос од Биг Мек е сосот од Стокомак кој содржи мајонез, сенф, кисели краставички, лук и кромид во прав, оцет и блага црвена пиперка. Бургер сосот чини околу 80 денари.

Две пакувања американски бургер лепчиња- Ќе одберете поголеми лепчиња со сусам ( најмногу одговараат тие од Жито Лукс кој се продаваат на грчкиот пазар, а сега ги има и во речиси секоја маалска продавничка и чинат околу 65-70 денари)

Подготовка:

Од месото ќе направите 12 плескавици од по 50 грама и ќе ги наросите само со сол и бибер ( Месото да биде барем еден ден претходно купено, или плескавиците замрзнати на 2-3 часа, затоа што постои можност да ви се распаднат при подготовка).  Плескавиците може да ги испечете во грил тава или на скара, а доколку не сте во можност, може и во обично тавче, но со минимална количина зејтин. Се печат околу 3 минути од секоја страна.

Откога веќе едната страна на плескавицата ќе биде испечена, врз неа може да го ставите чедар кашкавалот за да се стопи убаво на пареата од печењето.

За секој Биг Мек ќе ви бидат потребни едно лепче и уште еден дел од друго лепче за во средината. Лепчињата може да ги ставите на тост за да добијат малку крцкава кора.

Конструкција на сендвичот:

На првиот дел од лепчето се става 1 супена лажица од бургер сосот и се размачкува.

Потоа се додава половина супена лажичка од кромидот.

Се става ајсбергот доволно за да го покрие сосот.

Потоа одат плескавицата и чедар кашкавалот.

Се става средишниот дел на лепчето. Потоа се повторува постапката со супена лажичка бургер сос и половина супена лажица кромид, како и уште едно парче ајсберг.

По желба се ставаат и кисели краставички.

Се става уште една плескавица и на крај горниот дел од лепчето со сусам.

Leave a comment

error: Content is protected !!