Профил на платените убијци во Србија: За колку пари прифаќаат да извршат егзекуција?

Колку ќе наплатат убијците за завршената работа, зависи од тоа каков е статусот на жртвата и колку е опасна. Ликвидацијата на лица кои се дел од “криминалната елита” обично чини 30.000 евра.

Убиството на 43-годишниот Драгослав Милорадовиќ, кое се случило во понеделникот навечер пред перална во Белград, е дело на платен убиец.

Начинот на ликвидација на Милорадовиќ, инаку кум на Лука Бојовиќ, сведочи за тоа. Милорадовиќ во дворот на авто-пералната бил убиен од две лица, кои биле облечени во црно со кациги на главите. Тие пришле на мотор “Kawasaki” и во него испукале 15 куршуми, па исчезнале без траг.

Убијците кружеле на улицата чекајќи го Милорадовиќ да излезе од својот автомобил, за да имаат јасна мета. Тој во еден момент излегол од автомобилот и седнал на клупата во близина, а пред него сопрел црн мотор со две лица на него. Уште се утврдува дали двете лица пукале во него.

Тие побегнале кон зафрлено место, кон Ѕвездарската шума, и го запалиле моторот за да ги прекријат своите траги.

Со оглед на тоа дека Милорадовиќ му бил кум и близок соработник на Лука Бојовиќ, постои сомнение дека убијците за ова убистви земале многу пари. Посебно кога ќе се земе во предвид дека Бојовиќ е некој што не ги простува убиствата на најблиските. Убијците за извршување на оваа ликвидација сигурно барале сериозна сума на пари, пишуваат српските медиуми.

Според зборовите на криминологот Добровоје Радовановиќ, цената на ликвидацијата зависи од профилот на жртвата, од тоа колку обезбедување има, и колку би можело убиството да биде тешко.

“Според информациите од подземјето, цената на егзекуцијата зависи и од тоа кое оружје ќе се користи, но и од начинот на кој извршителите подоцна ќе бидат заштитени. Има малолетници кои за 200 евра се подготвени да убијат било кого, и тие убиства немаат врска со професионалните, а ако статусот на жртвата проблематичен, тогаш цената се движи до 30.000 евра”, објаснува Радовановиќ за “Blic”.

Радовановиќ вели и дека жртва со “проблематичен статус” е таа која е позната, добро рангирана во крими круговите или е голем пријател на некој познат криминалец. “Многу зависи и од тоа кои последици ќе ги сноси убиецот”, вели тој.

Радовановиќ нагласува дека цените на ликвидациите може да варираат и од една до друга криминална група. “Нема баш договорен ценовник за такво нешто, туку најчесто договарање од случај до случај”, вели тој.

Миле Новаковиќ, поранешен началник на Управата за криминалистичка полиција, вели дека многу од овие случаи се извршени и без надомест.

“Цената на ликвидацијата е променлива, бидејќи некои членови на криминални групи убиваат и без пари, за да добијат повисока репутација”, вели Новаковиќ.

Тој додава дека ликвидациите сепак може да чинат од неколку илјади евра, до милиони. Тој, исто така, нагласува дека тоа зависи од која е жртвата.

Криминолозите се согласуваат дека платените убијци често се различни профили на луѓе, и дека меѓу нив има и аматери, како “деца кои ќе убијат за ситни пари”.

Убијците може да се најдат и во круговите на поранешните специјални единици, објаснува Радовановиќ.

Leave a comment

error: Content is protected !!