Повторно пожари во Грција, овој пат на Евија: Отсечен главниот пат, до Атина само со траект

На грчкиот остров Евија избил шумски пожар, поради што биле евакуирани две села и манастир.

Засега нема извештаи за повредени или евентуална штета.

Главниот пат од 180 километри кој води низ островот бил затворен за сообраќај во областа која е во близина на пожарот, соопштила полицијата.

Полицијата ги повикала луѓето кои сакаат од северниот дел на Евија да дојдат до Атина, да користат траекти кои ќе работат цела вечер.

Пожарната бригада соопштила дека жителите на селата Контодеспоти и Ставрос во централните делови на Евија, на околу 70 километри од Атина, се евакуирани од претпазливост.

“Огнот зафати големо подрачје”, рекол претседателот на општината Дирфија-Месапија, на која припаѓаат овие села, Јорго Псарас.

Пожарот, како што рекол, зафатил борова шума и се движи кон Псахна. Пожарот се разгорува поради силниот ветер.

“И покрај константното фрлање на вода од авиони и хеликоптери не е можно да се предвиди патувањето на огнот”, рекол тој.

Пожарот го гаселе 62 пожарникари со 28 пожарни возила, а треба да дојде засилување од централна Грција.

Пожарот избил околу 3:30 часот во борова шума и се шири во насока на евакуираните села.

Leave a comment

error: Content is protected !!