Последниот Амазонец: Фармерите ги убиле сите членови на неговото племе, но тој продолжува да се бори

На интернет се појавила снимка од последниот преживеан член на амазонско племе, кој веќе 22 години сосема сам лута низ џунглата, откако неговите соплеменици биле убиени од сточарите пред повеќе од 2 децении.

Речиси голиот маж во 50-тите години со секира цепи дрво на снимката која ја направиле службениците на бразилските власти во сојузната држава Рондонија.

Се верува дека на подрачјето на Амазон живеат 113 племиња кои не стапиле во контакт со цивилизацијата, од кои експертите кои се обидуваат да го следат нивното движење пронашле 27.

Човекот познат како “домородец во дупка” прв пат бил снимен со камера во 1998. година. Поголем дел од времето минува во лов на шумски свињи, птици и мајмуни со помош на лак и стрела, и живее во колиба околу која има посадено папаја и пченка.

Експертите од бразилските агенции за домородни племиња по име “FUNAI” веруваат дека човекот припаѓал на племе од шест лица, од кои пет биле убиени од фармери уште во 90-тите години. Преживеаните од други домородни групи раскажале дека фармерите кои ја земале нивната земја им пукале во грб во текот на тој период. И “FUNAI” јавно ги обвиниле сточарите за смртта на домородците.

“Во текот на 80-тите колонизацијата, воспоставувањето на фарми и незаконското сечење на шумите во регионот Рондонија довеле до чести напади на изолирани домородци кои тогаш живееле таму, до константен процес на истерување на тие луѓе од нивната земја и до убиства”, објавиле од “FUNAI”.

“По последниот напад на фармерите кон крајот на 1995. година, групата која веќе и онака била намалена, од шест, се свела на само едно лице. Виновниците никогаш не биле казнети”.

“FUNAI” спроведува строга политика на оставање на изолирани групи во тоа подрачје на мир, но овој човек го набљудуваат од далеку, уште кога прв пат го забележале во 1996. година. Не го знаат неговото име, ниту името на неговото племе, но работеле на проширување на подрачјето на неговиот дом во џунглата на 8.070 хектари, така што може и натаму да го живее својот начин на живот.

Во 90-тите години бил основан резерват по име Танара за да се заштити територијата на домородецот. Службениците на “FUNAI” му оставале традиционални оружја како секири и мачети да ги пронајде, но внимаваат никогаш да не ги забележи. Експертите редовно проверуваат дали е уште жив, а често го наоѓаат како копа дупки во земја за да постави стапици за животни или да се сокрие во нив. Времето го минува рушејќи стебла, ловејќи животни и шетање гол наоколу.

“Овој човек докажа дека и дури и кога ќе изгубите се, како своите луѓе и културата, и сте сами во шума, можете да преживеете”, рекол Алтај Алгејар, локален координатор за “FUNAI”.

Leave a comment

error: Content is protected !!