Поранешен американски снајперист: Бев снајперист на најопасните места во светот, но тие хорори не беа мојот најголем страв

Како снајперист и член на единицата американски морнарички фоки, Брендон Веб се борел на планините во Авганистан и Ирак.

Во својата воена кариера се соочил со многу опасности кои цивилите не можат ни да ги замислат. Сепак, како што вели Веб, сите тие воени хорори никогаш не биле неговиот најголем страв – неговиот најголем страв бил неуспехот, досадата и помислата за загуба на семејството. Па така некогашниот војник се претворил во автор на низа бестселери и шеф на компанија која вреди милиони долари и претприемник кој меѓу своите пријатели вбројува астронаути, милијардери и политичари.
Пред сето тоа, Веб сериозно размислувал за тоа да се фрли од мост. По напуштањето на војската му пропаднал првиот бизнис, ја загубил животната заштеда, а му се распаднал и бракот, што најмногу го скршило.

“Не бев на терен повеќе од 5 години, градев нов бизнис во кој вложив се што имав, пари на колеги од војската, членови на семејството и банките. И сето тоа се распадна. Тогаш ме остави сопругата и со себе ги зема нашите три деца”.

Постојат стравови како страв од повреди, смрт, летање или давење. Цел ден можам да разговарам за бомби и куршуми, или за седење во ирачки затвор. Но, ова што ми се случи на мене беше остварување на моите најлоши кошмари, пишува Веб во својата нова книга. Сепак, после се се кренал на нозе.

“Пријател од Филипините ми кажа дека таму мајмуните се фаќаат така што се копа дупка во која се става кокос, па се додава уште земја и песок, за да остане помала дупка. Мајмунот доаѓа, ја става раката и сфаќа дека не може да го извлече кокосот, но не може да се откаже бидејќи се плаши од губење, а потоа наместо тоа, ја губи слободата”, вели Веб.

“Седев во својот изнајмен стан и размислував. Посебно за пропаднатиот брак, тоа беше тешко да се прифати. Долго бевме заедно, беше крај мене додека минував низ снајперската академија, но нашата љубов, на мој ужас, не ги преживеа сите предизвици кои беа пред нас. Навистина размислував за скокање од мост, но не можев тоа да им го направам на моите деца, а покрај тоа, животот допрва беше пред мене.

Се јавив кај сите што ги познавам, па одлучив да се погрижам за себе и да најдам работа”, вели тој. Добил добро платена работа во консултантска компанија која соработувала со војската. Заработувал многу пари, па почнал да враќа долгови. Станал шеф на одделението, работел со добри ментори и запознавал нови луѓе.

“Поранешната сопруга и јас останавме блиски и продолживме да ги воспитуваме нашите деца, кои ми се најважни на светот, а на работа ситуацијата не можеше да биде подобра. Сепак, јас не бев задоволен и немав мир. Размислував за кокосот. Кога на пријателите по само половина година им кажав дека заминувам, тие сериозно се загрижија за моето психичко здравје. Ме потсетуваа на моето прво фијаско, на тоа колку многу постигнав во краток рок, за тоа што може да ми се случи и слични работи. Признавам, имаа добри аргументи. Но, јас одлучив дека не сакам животот да му го диктира стравот”, објаснил тој.

Не сакал, вели, да продолжи да го држи кокосот и да ја изгуби својата слобода. Се запрашал што ги задржува луѓето на работни места кои не ги задоволуваат, зошто не одат напред и не ги користат можностите што им се нудат, зошто не остварат нешто подобро од тоа што го имаат во моментот.

“Совладувањето на стравот почнува со одлука, а потоа се продолжува со вежба и повторување на тие одлуки за да се подготвиме за тој скок во непознато и акцијата и покрај стравот. Меѓутоа, девет од десет пати, кога ќе дојде време да се направи тој скок, нешто луѓето ги спречува во последниот , финален потег”, пишува Веб.

“Тоа е дел од растењето и прекинувањето на врската со сите механизми за заштита кои ни даваат чувство на сигурност. Тоа е отпуштање на кочниците, загуба на контролата и соочување со стравовите. Го пуштив кокосот. Заминав од работа и направив уште еден старт-ап. По неколку години, за мојата компанија се понудија 15 милиони долари, а денес вреди 10 пати повеќе. Вредеше, но првиот чекор беше соочување со стравот и пуштање на кокосот од раката”, пишува Веб, кој е автор и ко-автор на 12 книги.

Leave a comment

error: Content is protected !!