Тренд во Македонија:Полуматурски прослави со турбо фолк музика, трубачи и свечени фустани

За жал, се повеќе кичот и шундот се присутни во нашата држава, а жешка тема за која се зборува деновиве се полуматурските забави каде што деца од 13-14 години се забавуваат со турбо фолк и изгледаат како матуранти.

Порано, полуматурите се славеа во некое од скопските дискотеки како Хард Рок, Панорама, Силекс, Огниште со рок и диско музика, а на полноќ сите заедно заминуваа во некоја од сендвичарите. Популарни беа и полуматурските екскурзии низ Македонија, каде што исто така се славеше со пристојна музика.

Последниве неколку години за жал доживеавме ужасен тренд, полуматурантите да слушаат турбо фолк, цела ноќ да шетаат и пијат по улици, а наутро со трубачи да одат во училиштето.

За прославите се најмуваат претежно свадбарски бендови и се слави во ресторански сали, но и самите пејачи се запрепастени од музичките желби на 14-годишни деца. Велат дека највеќе им нарачувале српски и бугарски песни, особено песната „Шушана“, а ниту едно дете не порачало македонска песна. Сакале забава со турбофолк, а утрото во училиште со трубачи. Жално во цела ситуација е што и наставниците се уште погласни во оваа прослава, тие ги пеат песните на памет заедно со своите ученици.

Разбирливо е матуранти, веќе 18-годишни сами да одлучат за својата матурска прослава, но како директорите и наставниците на основните училишта дозволуваат 13 и 14 годишни деца да прославуваат вака? Зарем не размислуваат дека ги водат на погрешен пат токму во време кога треба да се оформат како личности? Зарем уште од сега ги учат да слушаат турбо фолк, наместо да ја научат вистинската вредност на музиката? Зошто родителите дозволуваат толку млади девојчиња да прават нокти како старлетите од српски реални шоу и да носат свечени тоалети на 14 години? Зошто предвреме се обидуваат да ги пораснат нивните деца?

Сите овие прашања за жал немаат одговор…

Leave a comment

error: Content is protected !!