Огромна голема бела ајкула, подолга од пет метри била снимена кај брегот на Мајорка, што е прв пат во 30 години овој застрашувачки предатор да биде забележан во овие води.
Научниците ја снимиле кај населениот остров Кабрера, а експедицијата која трагала по ова величенствено морско животно била предводена од биологот Рикардо Сагарминга ван Буитен.
Научниците ја набљудувале и ја следеле во период од еден час. Ван Буитен нагласил дека ова е прв пат во 30 години да постои доказ за присуството на големата бела ајкула во овие води.
“Минатите години имавме бројни гласини и непотврдени тврдења, но ова е прва научна опсервација за присуство на големата бела ајкула во шпанските води. Во овој историски настан, десет научници од пет земји ја фотографираа, снимија и набљудуваа ајкулата”, рекол тој.
Во Медитеранот живеат 47 различни видови на ајкули, а меѓу нив и големата бела. Оваа ајкула е единствена што ќе нападне човек без провокација.
Минатата недела овој вид бил забележан и во британските води, а научниците снимиле и 4,5 метри долга морска лисица, исто така ајкула, како излегува во близина на Лајм Беј, покрај чамец полн со туристи.