Новинарка пронашла документација за бруталноста на џихадистите: Од каде се спонзорирале терористите на ИСИС?

Новинарката на “New York Times” Рукмини Калимачи,неколку пати го посетила  Ирак, каде ги посетувала напуштените канцеларии на ИСИС.

Калимачи собрала илјадници документи кои терористите ги оставиле зад себе по падот на калифатот. Неколку недели откако исламистите завладеале со Мосул во 2014. година, сите дотогашни ирачки државни службеници почнале да работат за џихадистите – немале избор, или работа, или казна.

Џихадистите оформиле држава која не ја признал никој освен тие самите. Исламската држава три години владеела со територијата која во еден момент била голема како Велика Британија, а имала и популација од 12 милиони жители.

Откако бил прогласен калифат во 2014. година, Исламската држава завладеала со големи делови од Ирак и Сирија. Во тоа време Исламската држава опфаќала и 150 километри од либискиот брег, владеела со дел од нигериските шуми и еден град на Филипините, а имала и помали колонии во барем 13 други држави. Мосул бил далеку најголем град под управа на ИСИС.

 

Документите кои Калимачи ги пронашла, а терористите ги оставиле зад себе, нудат одговор на едно од најчесто поставуваните прашања за оваа озлогласена терористичка група – како успеаја толку долго да се задржат на власт? Калимачи од окупираните згради, канцеларии, судови, полициски станици и кампови за обука во Ирак извлекла повеќе од 15.00 страни на интерни документи на ИСИС.

Документите биле собирани со дозвола на ирачките сили за безбедност. Документите 15 месеци ги преведувале и анализирале шест експерти за тероризам, вклучувајќи и експерти од Центарот за борба против тероризам на американската воена академија “West Point”.

Документите го откриваат внатрешното функционирање на комплексниот систем на исламистичката влада. Исламистите владееле со помош на два комплементарни алати: првиот бил бруталност, а вториот бирократија. ИСИС изградила ефикасна администрација која собирала даноци и имала свое комунално претпријатие. Тие издавале сопствени изводи од матичните книги на родените и работеле со регистрација на возила.

Според документите и изјавите на луѓето кои живееле под исламистичката власт, некои од услугите под ИСИС биле подобри отколку под претходната влада.

Исламистите во наредните години освоиле големи делови од Ирак и Сирија, а потоа се свртеле кон нова тактика. Својата држава ја изградиле на грбот на претходната држава и во новата држава го апсорбирале постоечкото административно знаење. Владееле соработувајќи со цивилите над кои имале власт.

Еден од клучевите на нивниот успех бил нивниот систем за оданочување. Милитантите само од даноци на земјоделските производи заработувале стотина милиони долари.

Спротивно од општото мислење, исламистите се финансирале сами и не зависеле од странски донации.  Документите покажуваат дека џихадистите од даноци заработувале шест пати повеќе отколку од продажба на нафта на црниот пазар. Поради тоа обидите на западната коалиција да ја исфрли Исламската држава од регионот, бомбардирајќи ги нафтените центри не вродиле со плод. Тие го напуштиле Мосул дури минатото лето, по битката која некои ја споредиле со најлошите битки од Втората светска војна.

По пет месеци исламистичко владеење, стотина државни службеници биле претворени во соучесници на ИСИС. Наскоро дошла и наредба да се забрза постапката за изнајмување на државна земја на земјоделците поради побрзо стекнување на приходи. Калифатот потоа издал и наредба да се запленат имотите на припадниците на другите верски групи, за да им се подели на сунитите.

Запленети биле домовите и земјите на прогонетите семејства, а основано било и ново министерство за собирање и прераспределба на запленети предмети. Тие предмети им ги давале како награди на борците и странските државјани кои се приклучиле кон калифатот.

Исламската држава го преобликувала секој дел од животот во Мосул, почнувајќи од улогата на жените во општеството. Милитантите ја заплениле фабриката за текстил и во неа произведувале пропишана женска облека. Жените кои не се држеле до правилата за облекување, кои пропишувале целосна покриеност на женското тело, биле казнувани. Јавните погубувања биле честа појава на плоштадите, а телата на наводните шпиони виселе од мостови. Една тинејџерка била осудена за неверство, и убиена со камења.

Според пронајдените документи, ИСИС во еден ден во 2015. година од продажба на јачмен и пченица заработила 1,9 милиони долари. Најмногу приходи доаѓале од верскиот данок, кој изнесувал 2,5 проценти од личниот имот и до 10 проценти од земјоделското производство. Во исламската пракса, десетина од овој данок е наменета за помош на сиромашните.

Според оценките на Организацијата за исхрана и земјоделство при ОН, милитантите ги контролирале најплодните делови на Ирак. Тие во Сирија во еден момент контролирале 80 проценти од родот на памукот. Според истражувањата на парискиот Центар за анализа на тероризмот, исламистите годишно од даноци заработувале 800 милиони американски долари.

Leave a comment

error: Content is protected !!