Нов извештај за исчезнувањето на “MH370”: Курсот бил намерно пренасочен, агонијата на патниците траела 7 часа

Независниот извештај за истрагата на авионот “MH370” на компанијата “Malaysia Airlines” укажува на пропустите во одговорот на малезиската влада кои, како што се наведува, ја влошиле ситуацијата со разјаснувањето во врска со мистериозното исчезнување на авионот.

Во извештајот, кој е објавен денес, повеќе од четири години по трагедијата, се потврдува тврдењето на малезиските власти дека курсот на авионот бил намерно пренасочен, како и дека потоа летал повеќе од 7 часа откако со него била прекината комуникацијата.

Се нагласува, меѓутоа, дека и натаму не може да се утврди причината за исчезнувањето на авионот, но и дека не може да се исклучи “можност за интервенција на трета страна”.

Се претпоставува дека авионот се урнал на далечниот југ на Индискиот океан.

Денешниот извештај е објавен по втората, приватна потрага по авионот, која исто така била неуспешна.

Малезија во мај, по 90 дена ја прекинала потрагата која ја финансирала приватната американска компанија “Ocean Infinity”, а авионот, чие исчезнување со 239 луѓе е пријавено на 8. март 2014., станал една од најголемите светски мистерии.

Исчезнатиот авион летал од Пекинг во Куала Лумпур, кога над Индискиот океан му се изгубила секаква трага.

Единствен потврден знак дека станува за збор за авионот од типот “Boeing 777” биле трите дела од крилата кои биле пронајдени на бреговите на Индискиот океан.

“Ocean Infinity” на 29. мај ја прекинала потрагата откако три месеци истражувала 112.000 квадратни километри, а не дошла до значајно откритие.

Тоа била втора голема потрага, откако Австралија, Кина и Малезија неуспешно ја завршиле потрагата на 120.000 квадратни километри во Индискиот океан, што чинело 147 милиони долари.

Малезискиот премиер Махатхир Мохамад рекол дека државата ќе разгледа повторно отворање на истрагата ако се појават нови трагови.

 

Leave a comment

error: Content is protected !!