Нема кој не ги пробал славните ѓевреци со сланина од Силбо, секогаш тазе и топли, но дали некој од вас се обидел да ги направи дома?
Го имаме рецептот, со кој ќе може ова вкусно задоволство да го приготвите и сами:
Потребни состојки:
400 мл. топло млеко ( не жешко)
150 мл млака вода
Сув квасец
1 лажичка шеќер
1 лажичка сол
150 мл зејтин
1 кг брашно ( Т400)
2 жолчки
400 гр. Сланина
За премачкување:
2 белки
200 гр. Печен сусам
Подготовка:
Сите состојки потребни за тестото ги ставате во сад и замесувате, а потоа го оставате тестото да надојде. Потоа го делите на мали топчиња со големина на мандарина. Од секое топче сукате долги лентички и врз првите ленти ја ставате сланината, а потоа преклопувате со вторите и правите плетенка. Ги обликувате во круг, па ги премачкувате со нематените белки. На крај ги наросувате со печен сусам и ги редите во тепсија, врз хартија за печење. Веднаш ги ставате во загреана рерна и ги печете на 200 степени, од 20 до 25 минути. Доколку не сакате сусам, оваа постапка може и да ја избегнете. Доколку пак сакате да експериментирате со формата, може да направите и перек.
На здравје!
Бонус: Доколку сте мрзеливи, а сепак сакате сами да си зготвите ваков ѓеврек- во еден од поголемите и поевтини супер маркети кај нас може да се најде смрзнат ѓеврек со сланина. Ваше е само да го испечете и да уживате во вкусот.