На Европа и се заканува уште еден ураган: Олујата од ден во ден се посилна, се очекуваат ветрови од 120 километри на час и обилни дождови

Над Атлантскиот океан се развил уште еден ураган. Олујата Лесли утрово прераснала во ураган од прва категорија, а се очекува и дека уште ќе се засилува, јавуваат метеоролозите.

Сателитските снимки прикажуваат како ураганот Лесли се засилува од ден во ден, а веќе се формирало големото “око” на ураганот.

Се очекува дека циклонот, кој се формирал над централниот Атлантик, до сабота нагло да тргне кон Азорските острови. Според моменталните прогнози, откако ќе стигне до островите, ќе тргне кон западна Европа кон крајот на следната недела.

Лесли моментално многу полека се движи во насока на север-северозапад. Според националниот центар за урагани во Мајами, силните ветрови и дождови кои ураганот ги носи со себе веќе го погодиле југот на САД и Бахамите. Се очекува дека ќе продолжат да се движат кон север во следните 48 часа, по што нагло ќе свртат кон Азорските острови кои припаѓаат на португалскиот архипелаг. Нив ги следат силни ветрови и обилни дождови.

Иако се очекува дека Лесли ќе ослабе следната недела, британските метеоролози најавуваат дека олујата би можела да погоди делови од Велика Британија и да донесе ветрови со јачина до 120 километри на час кон крајот на идната седмица.

Потсетуваме, минатата недела Италија и Грција биле погодени од редок медитерански ураган кој со себе донел обилни дождови и поплави. Најтешка била ситуацијата на грчките острови.

Leave a comment

error: Content is protected !!