Малата срна Паца- најомилен жител во селото Нежилово

Селото Нежилово се наоѓа на околу еден час возење од Велес или два часа од Скопје.

Во областа Чашка, околу 8 километри над селото Богомила, под планините Јакупица и Даутица се простира прекрасното село Нежилово, кое плени токму поради природата која го опкружува.

Тука тече бистрата река Бабуна, како и Камештица и Чепленска Река. Блиску до Нежилово се наоѓаат и живописните села Папрадиште и Капиново. Доколку се одлучите за викенд прошетка низ Македонија, ова место е совршено за бегство од секојдневнието и уживање во зеленило и мир.

До Нежилово може да стигнете со автомобил или со воз до железничката станица Богомила. Од таму со такси ве чека уште 15 минутно возење до горе кое чини околу 200 денари.

Доколку сакате да преспиете, за само 400 денари од ноќ имате супер хотел покрај реката Бабуна, со соби опремени со телевизор, крпи за бришење и хигиенски средства. Продавничка во селото нема, па би било пожелно се што ви е потребно да си носите од дома. На пример доколку сте пушач, ќе останете без цигари, бидејќи нема каде да се купат.

До хотелот има рибник, како и ресторан во кој храната е навистина евтина, а менито богато. Препорачуваме да пробате златна или калифорниска пастрмка подготвена на скара. За оние кои не јадат риба, има и  скара, салати, вегетаријанска храна, но и превкусни велешки специјалитети за доручек.

Тука живее и малата срна Паца која ужива во попладневните прошетки и дружбата со својот сопственик Трајче. Стара е речиси една година, а најмногу обожува да јаде бонбончиња. Порано овде живеела и нејзината мајка Петрана која сега е назад во дивината.

Паца е омилена меѓу туристите, но и мештаните.

Од хотелот има пат кон изворите на Бабуна кои се наоѓаат на 6 километри и доколку сакате да пешачите вреди да се посетат, а во близина е и планинарскиот дом Чеплес.

Високо над Нежилово се простира врвот Солунска глава, а на 1км по блага угорнина се стигнува до локацијата каде што се гради манастирот Светка Петка. Таму се подготвуваат и конаци каде што ќе може да преспиете.

За крај, заклучокот е дека Нежилово е место во кое ќе сакате повторно и повторно да се враќате и да уживате во сите благодети што ни ги нуди природата.

Leave a comment

error: Content is protected !!