Македонија е следна хит дестинација каде што ќе се снимаат скапи холивудски филмови?

Веќе неколку години, нашите соседи како Бугарија и Грција, а во последно време и Србија се доста привлечни за холивудските продуценти. Во Софија, во филмскиот град „Бојана“ годишно се снимаат и по 3000 холивудски остварувања.

Во главниот град на Бугарија често престојуваат најголемите филмски ѕвезди, таму се снимаше и веќе легендарниот „300“- епската сага за Спартанците, „Конан Варваринот“, сите делови на „Платеници“ и уште многу други блокбастери за кои никогаш не би помислиле дека се создадени токму кај нас во „комшии“.

Грција е секако привлечна поради живописните предели, но и поради богатата историја, а Дубровник веќе стана една од најскапите дестинации на светот, токму поради тоа што беше дел од најдобрата серија на сите времиња. „Game of thrones” е виновникот што ова мало историско хрватско градче, сега е број 1 место кое сите сакаат да го посетат. Да живее „King’s landing”.

Во Србија исто така работата живна. Неодамна таму престојуваа Џулија Робертс и Деми Мур, баш поради снимање на нови филмови. Холивуд веќе сериозно размислува да ја користи Србија, како втора локација после Бугарија, затоа што во Белград исто како во Софија постои филмски град. Сопственост е на Жељко Митровиќ, газдата на телевизија Пинк и ги има сите работи кои се потребни за да се сними филм од А категорија.

Но, кај нас со години и години работата беше во застој. Единствен филм кој се сними беше „Миротворец“ со Никол Кидман и Џорџ Клуни во 1996 година.

Среќната вест е што Агенцијата за филм конечно реши ова да го помрдне од мртва точка. Деновиве тие промовираа и веб страна- Filming Macedonia, каде што скаутите од Лос Анџелес ќе може да се запознаат со сите услови и подобности кои ги нудиме доколку снимаат овде. На страната се преставени и сите интересни локации во Македонија. Покрај веб сајтот, во пресрет на Канскиот филмски фестивал, направивме и промоција за Македонија како филмска дестинација и во познатиот магазин- Hollywood Reporter.

Дали догодина ќе дочекаме и кај нас да угостиме голем број звучни холивудски имиња останува да видиме.

Бонус: Фотографии од Македонија од страната filmingmacedonia.com

 

Leave a comment

error: Content is protected !!