Контрола на летање – како оваа професија прави да сме безбедни во патувањето

Некои уживаат во летањето со авион, а некои постојано патуваат, па толку се навикнати што не му обрнуваат многу внимание. Но, за повеќето од нас, моментот на полетување и слетување секогаш предизвикува некое непријатно чуство на неизвесност.

Стравот од непознатото е оправдан, но физичките закони и фактите велат нешто сосем друго – патувањето со авион не само што е безбедно, туку по сите светски статистики, многу побезбедно од патувањето со автомобил.

Еден од најважните фактори што придонесува за оваа безбедност е системот за контрола на летање.

Првенствено капетанот, односно пилотот е одговорен за безбедноста на летот, но тој не може да ги види сите други авиони што летаат околу него и не е свесен дека се во негова близина, поради што повеќето држави имаат систем за контрола на летање.

Контролорите на летање играат многу важна улога во безбедноста на воздушниот сообраќај, а се грижат и воздушниот сообраќај да се одвива експедитивно и ефикасно. Главна цел е да се одржува безбедно растојание помеѓу авионите. За нив, безбедноста е пред сѐ.

Ова значи дека, додека пилотот ги извршува своите задачи во пилотската кабина, многумина на земјата го следат летот. Преку радиоврска, пилотот не комуницира само со контролорите на аеродромот од кој полетал и аеродромот на кој треба да слета, туку и со контролорите на неколку центри на контрола на летање попат.

Да замислиме дека два брзи авиона летаат директно еден кон друг. Кога пилотите ќе забележат што се случува, можеби ќе имаат само неколку секунди за да го избегнат судирот! Контролорот на летање ја има таа одговорност да не дозволи да дојде до ваква ситуација. Долго пред пилотите да се видат, тие ќе добијат упатства кои ќе им помогнат да бидат на безбедно растојание.

Што ви е потребно за да бидете контролор на летање? Во прв ред потребно е да поседувате одредени способности како што се брзото и правилно донесување на одлуки, смиреност, односно способност за работа под континуиран стрес, меморија, ориентација во простор, совесност и бескрајна одговорност. Во оваа професија ниту во една секунда не смее да падне вниманието. Потребно е одлично познавање на англискиот јазик, а потребно е и да сте во добра здравствена состојба. Високото ниво на сите овие елементи треба да се задржи низ целата кариера на контролорите на летање. Способностите потребни за оваа работа или ги поседуваш или не ги поседуваш и токму поради тоа се користат специјализирани тестови за оваа намен

Секако, покрај вродените способности, потребни се и знаење и вештини, па контролорите на летање поминуваат стандардизирана обука и соодветен период на вежбање на потребните вештини пред да го насочат својот прв авион како и каде безбедно да лета. Единствено кандидатите кои успешно ќе ја поминат обуката имаат шанса да станат контролори на летање. Ова значи дека покрај поседување на неопходните способности потребна е и посветеност за да се стане контролор на летање.

Како што гледаме од овој краток преглед на работата на контролата на летање, пилотот не е единствениот што знае каде се наоѓа авионот во секој момент од летот. Системот за контрола на летање е создаден за да има што помалку опасности и што поголема безбедност. Затоа, ако летате со авион, немате причина да се плашите. Следниот пат кога ќе се подготвувате за полетување, сетете се дека контролорите на летање будно внимаваат на вашата безбедност. Затоа, навалете се на седиштето, опуштете се и уживајте.

Leave a comment

error: Content is protected !!