Ким Јонг Ун во Сингапур пристигнал со „летечка измама“

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, во Сингапур пристигнал со користење на „измама“ на авиони, а на аеродромот го пречекал конвој од автомобили.

Еден од трите авиони кои полетале од аеродромот во Пјонгјанг бил од советско производство – „Иљушин-62“, личниот авион на Ким познат и како „Јастреб-1“.

Овој авион на Западот е познат како “Air Force Un”, што е игра со зборови на американскиот претседателски авион кој што е наречен “Air Force One”.

 

Личниот авион на Ким Јонг Ун „Иљушин“, всушност бил диверзија со оглед на тоа што севернокорејскиот лидер во Сингапур сепак пристигнал со друг авион, „Boeing 747“, кој што и припаѓа на кинеската авиокомпанија “Air China”.

По диверзијата и конечното пристигнување на Ким Јонг Ун во Сингапур, севернокорејскиот лидер бил пречекан од конвој од 20 автомобили, меѓутоа никој од насобраните фоторепортери не успеал да го фотографира севернокорејскиот лидер затоа што сите автомобили имале затемнети стакла.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, ова се случува прв пат, со оглед на тоа што во Сингапур затемнетите стакла на автомобилите се забранети дури и за службениот автомобил на премиерот на државата.

Ким Јонг Ун престојува во хотелот „Regis“, меѓутоа сите приоди до хотелот се блокирани, па дури ниту на фоторепортерите и новинарските екипи не им било дозволено да се приближат.

Leave a comment

error: Content is protected !!