Од Утре ќе се Наплаќа Паркирање кај Манастирот Пантелејмон

Автор: А. АНТЕВСКА 

Извор: sdk.mk

Откако Град Скопје воведе забрана за движење на возила до Средно Водно а потоа воведе наплата, паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ секој викенд е блокиран со возила.

Од утре ќе се наплатува паркирање на паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези. Цената за првиот час паркирање ќе биде 100 денари, а секој нареден час ќе се плаќа по 50 денари. Паркирањето ќе се наплатува за време на викендите и државните празници од 9 до 16 часот исто како на паркингот на Средно Водно, со цел да се реши хаосот со паркирани возила.

„Оваа новина е дел од оптималното решение за зачувување на планината Водно и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите. На паркиралиштето е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли на кои се наведени сите неопходни информации во врска со паркирањето, времетраењето и цената. Непрописното паркирање на ова паркиралиште и непочитувањето на сигнализацијата ќе се санкционира“, велат од Град Скопје.

Пред еден месец ЈСП „Скопје“ донесе одлука линијата 28 од Транспортен центар до Нерези за викендите и државните празници да вози бесплатно, исто како линиите кои сообраќаат до Средно Водно.

Жителите на населбата Нерези откако Град Скопје го забрани движењето на возила до Средно Водно се жалеа дека сега цел сообраќај е пренасочен на патот кој води кон манастирот „Свети Пантелејмон“, а паркингот и улицата се блокирани од возила.

Leave a comment

error: Content is protected !!