Како да поминете пет дена во Париз за само 250 евра, вклучувајќи авион и сместување

Додека порано ни беше навистина скапо од Македонија да заминеме на одмор или прошетка во некоја голема европска метропола, денеска тоа е лесно возможно и тоа за малку пари.

Париз е еден од најатрактивните градови во светот, а милиони луѓе сонуваат да го посетат. Додека на Американците им е животна желба барем еднаш да отпатуваат до градот на светлината, ние можеме да го сториме тоа кога и да посакаме. Секако доколку заштедиме барем 250 евра.

Доколку патувате четворица луѓе, патувањето ќе ве фати уште поевитно. Може да ги искористите нискобуџетните летови од Скопје до Париз и авионската карта да ве чини само 1000 денари. Внимателно треба секојдневно да проверувате за кои датуми има попуст или пак кога летањето е најевитно.

Откако ќе го завршите делот со купување авионска карта, време е за сместувањето. Не се залетувајте да најдете скапо сместување во центарот на градот, мислејќи дека така се ви е на дофат. Во Париз ќе треба постојано да се возите со метро, каде и да одите.

Така да, најповолно е да одберете апартман во населбите кои се поевтини. Солиден апартман со сите услови- фен, тв, интернет, чисти пешкири и постелнина може да се најде и за 60-70 евра од вечер за четворица, што значи дека долку се поделат трошоците, за еден човек четири ноќевања ќе чинат отприлика исто толку, околу 60-70 евра.

Превозот од аеродром до Париз и обратно ќе ве чини најскапо- околу 30 евра. За метро ќе потрошите околу 15 евра, а ќе имате многу возења кои ќе ви бидат доволни да ги искористите во овие пет дена.

Досега трошоците се околу 130 евра, ви остануваат уште 120 евра.

Доколку сакате да го посетите Дизниленд, најубаво е карта да набавите онлајн, па со попуст ќе ве чини 45 евра за двата парка, доколку не одите во сезона. Избегнете да купите карта на врата, затоа што ќе ве чини дупло повеќе.

Сигурно некаде блиску до вашето сместување, ќе има некој голем супер маркет каде што цените се поевтини дури и од нашите маркети. Наместо да купувате француски кроасан од пекара, кој чини 1 евро, во маркет може да си купите 6 кроасани за 1,5 евро. Таму ќе си испазарите се што ви е потребно за да уживате и во Париз навечер- вино, француски кашкавали и сирења, пиво и друг алкохол кој е навистина евтин.

Преку ден, доколку сте љубители на брзата храна може да јадете во Мекдоналдс, каде што секогаш има промоции на одредени производи, но и да пробате нешто од француската кујна, подготвено од франшизата на Мекдоналдс.

Посетата на Париз нема да биде комплетна доколку не го посетите и Лувр. Најубавиот музеј на светот, каде што „живее“ Мона Лиза, каде што може да видите египетски мумии и уште многу значајни историски предмети и слики е достапен за само 10 евра, доколку картата ја купите во некое од туристичките инфо бироа кои ги има насекаде. За да го прошетате овој музеј, сигурно ќе ви бидат потребни околу 5-6 часа, затоа што има што да се види и надвор и внатре, а неизбежно е и фотографирањето пред стаклената пирамида.

До другите атракции низ Париз, може да стигнете со метро, а нема да ве чини ништо прошетката до Монмартр, Нотердам, Ајфеловата кула, Шанзелизе, Триумфалната капија и уште многу други атрактивни места кои го прават овој град еден од најубавите во светот.

Сумирано 130 евра+Дизниленд 45 евра+ Лувр 10 евра= 185 евра. За четири дена ви остануваат 65 евра за храна, пијалоци и по некој сувенир. Петтиот ден наутро заминувате за Скопје.

п.с Доколку се одлучите за опцијата „Каучсурфинг“, тогаш нема да платите сместување, и ќе ви останат повеќе пари кои може да ги искористите за посета на Версај, познатите париски катакомби, како и ноќни излегувања низ Париз. Се разбира на овој начин ќе стекнете и нови пријатели.

Leave a comment

error: Content is protected !!