Избодениот полски градоначалник им подлегнал на повредите: Павел Адамовиќ не издржал и покрај напорите на лекарите

Павел Адамовиќ, градоначалник на полскиот град Гдањск, починал денес откако во неделата навечер бил избоден со нож додека стоел на бината во текот на голем добротворен собир, соопштил полскиот министер за здравство.

“Не можевме да се избориме”, рекол министерот пред локалните медиуми, пренесува “Reuters”.

Градоначалникот на Гдањск, Павел Адамовиќ, кој вчера бил избоден со нож во пределот на срцето и стомакот додека стоел на бината, бил во критична состојба по петчасовната операција, а во Гдањск за него била организирана акција за давање на крв.

Еден од хирурзите рекол дека Адамовиќ имал “критични рани во пределот на срцето, дијафрагмата и внатрешните органи”. Бискупот во Гдањск, кој бил во болницата во текот на операцијата на градоначалникот, рекол дека се моли за чудо.

53-годишниот Адамовиќ бил градоначалник на Гдањск, балтичкиот пристанишен град од 1998-ма година. Бил член на демократската опозиција настаната во тој град под водство на Лех Валенса во текот 1980-тите.

Откако ја напуштил Граѓанската платформа, повторно бил избран за шести мандат како независен кандидат. Како градоначалник, бил прогресивен глас кој ги поддржува правата на ЛГБТ заедницата и ги толерирал малцинствата.

Полското обвинителство соопштило денес дека е отворена истрага против мажот кој е обвинет дека го избодел градоначалникот, а осомничениот ќе биде испрашан и подложен на психијатарски преглед.

Leave a comment

error: Content is protected !!