Хаос и сиромаштија: Болницата во главниот град на Венецуела не е за луѓе

Здравствениот систем во Венецуела тотално се срушил под притисокот на се подрастичните повеќемесечни американски економски санкции и политичката криза, па медицинскиот персонал вложува натчовечки напори да ги одржи своите пациенти во живот.

Кога поради недостиг на струја во Универзитетската болница во Каракас животот го загубиле тројца пациенти, новинарската екипа на локалниот портал “Caraota Digital” ги обиколила ходниците и собите на таа најголема медицинска институција во државата, а снимките најдобро зборуваат за нечовечките услови во кои се нашле болните.

На одделението на Итна помош е тотален хаос, пациентите лежат на кревети и во инвалидски колички по ходниците, во агонија чекаат прегледи, лекови и неопходна медицинска помош. Централната климатизација е расипана, па одвај може да се диши од високото ниво на влага во воздухот.

Неподносливата смрдеа и нехигиенските услови во тоалетите и бањите станале подлога за множење на муви и инсекти.

“Мувите ги бркам со рака и се молам на чудо бидејќи останавме без садови да им однесеме храна на пациентите”, рекла медицинската сестра Аура Естрела.

Семејствата и пријателите на болните кои се дојдени на посета, со крпи мавтаат над своите најмили бркајќи ги мувите и останатите инсекти. Условите во здравствените институции се такви што таму сигурно никој нема да оздрави, а медицинскиот персонал вели дека во догледна иднина ништо нема да се промени.

Пари за лекови нема, семејствата се снаоѓаат како знаат и умеат да дојдат до потребните лекови, а дури и главните здравствени центри во Каракас зависат од приватни донации на компании.

Венецуела во последните неколку години е во хаос, а поради растот на насилствата и сиромаштијата, луѓето масовно се иселуваат во соседните земји. Три милиони Венецуелци живеат во странство, а според податоците на ОН, дури 2,3 милиони заминале во 2015-та година.

Leave a comment

error: Content is protected !!