Фудбалер преживеал пад од мостот во Џенова: Летал со автомобилот 30 метри во провалија, а вака ја опишува страшната сцена

Вистинско чудо е што сум жив. Прво слушнав бука, а потоа се се урна, рекол поранешниот голман на Каљари.

Давид Капело, поранешен голман на Каљари, вчерашниот ден може да го слави како втор роденден, бидејќи преживеал пад од надвозникот во Џенова, на кој се наоѓал во моментот на рушењето.

“Чудо е што преживеав, мојот автомобил леташе 30 метри, па се заглави”, рекол 33-годишниот поранешен фудбалер кој го минувал мостот Моранди кога се урнала конструкцијата.

Во тој момент, вели, врнело дожд и удирале громови.

“Одев кон Џенова и бев на надвозникот. Чудо е што сум жив. Прво слушнав бука, а потоа се се урна. Мојот автомобил леташе 30 метри па се заглави меѓу урнатините. Неверојатно е, немам ни гребнатинка. Често минувам низ тој мост, еден од најраздвижените во земјата е. Видов како патот се распаѓа пред мене и бев во шок. Не ми е јасно како автомобилот остана во еден дел”, рекол Капело.

Инаку, откако завршил со фудбалската кариера, Капело почнал да работи како пожарникар па веднаш ги известил службите за итни интервенции за несреќата иако и самиот бил во шок. Вели дека и натаму пред очи ја гледа сликата од урнатиот мост.

Во рушењето на мостот загинале најмалку 35 лица, меѓу кои и тројца малолетници.

Leave a comment

error: Content is protected !!