Европа бара Нобелова награда за Заев и Ципрас: Три групи во Европскиот парламент ја поддржале номинацијата

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и премиерот на Македонија, Зоран Заев, биле номинирани за овогодишната Нобелова награда за мир од лидерите на три групи во Европскиот парламент – социјалдемократите, Зелените и Обединетата европска левица, објавила агенцијата “ANA”.

Агенцијата во саботата јавила дека Удо Булман, лидер на социјалдемократите во Европскиот парламент, лидерката на Зелените Ска Келер и лидерката на Обединета европска левица, Габи Цимер, во заедничко соопштение нагласиле дека договорот меѓу Грција и Македонија “става крај на долгогодишен спор и носи стабилност во западен Балкан”.

По долгогодишните обиди за решавање на спорот, на 17-ти јуни минатата година Грција и Македонија потпишаа договор на брегот на Преспанското езеро, по кој името на Македонија станува Република Северна Македонија.

Булман, Келер и Цимер нагласиле дека Преспанскиот договор, кој македонскиот парламент го ратификувал на 11-ти јануари, а грчкиот на 25-ти јануари, е модел за мирно решавање на меѓународни проблеми низ дијалог.

Тие нагласиле дека Ципрас и Заев имале политичка храброст и покрај спротивставувањето на националистите во двете земји. Истакнале дека поради тоа го поддржуваат предлогот Ципрас и Заев да бидат номинирани за Нобелова награда за мир за 2019-та.

Агенцијата “ANA” пишува дека се очекува и други европски политичари да дадат поддршка за номинацијата на Ципрас и Заев.

Leave a comment

error: Content is protected !!