Добил милион долари на лото, но го заборавил ливчето на пулт- Продавачот направил нешто неочекувано

Кал Пател, кој работи во малата продавница на своите родители во Канзас, на каса пронашол лото ливче со добитна комбинација кое еден купувач случајно го заборавил, не знаејќи дека тикетот носи милион долари. Продавачот без размислување потрчал по среќниот добитник и му го вратил ливчето.

„Добрите дела ви се враќаат за да ви помогнат, додека лошите се враќаат да ве опседнуваат. Преубаво беше чувството да го пронајдам тој тиект, а потоа да го пронајдам и добитникот“- изјавил Пател кој воопшто не се кае поради својата постапка.

Добитникот кој сакал да остане анонимен, купил три лото ливчиња во продавница во Линколн, но потоа дошол во „Пит Стоп“ каде што работи Пател за да провери дали некој од нив е добитен.

Проверил два тикети, додека третиот случајно го оставил на пултот и си заминал. Кога Кал Пател ги погледнал броевите на заборавениот тикет не можел да поверува. Токму таа комбинација носела добивка од милион долари.

Продавачот го познавал купувачот од поодамна и знаел во кој дел од градот живее, па седнал во автомобил и тргнал по него.

По подолга потрага, го здогледал среќниот добитник во автомобил, во кој бил со неговиот брат и ги сопрел.

„Им го покажав ливчето и им реков дека се победници. Почнаа да се тресат, не можеа да поверуваат“- раскажува Пател.

По случката пријателите го критикувале што се откажал од милион долари и го вратил ливчето, но тој вели дека не сакал да живее со чувство на вина поради задржаните пари.

„Убаво се чувствував кога им го дадов тикетот. Пофалбите што ги добивам се навистина прекрасни. Луѓето велат дека сум им ја вратил вербата во човечноста“- заклучува младиот продавач.

 

Leave a comment

error: Content is protected !!