Детски родендени: Порано бевме среќни со смоки, тетратка и моливче, сега со торта на три спрата и диско игротека

Секоја роденденска забава си е убава на свој начин, но дали денеска родителите се преоптоварени со прославата на родендените на нивните дечиња?

Порано родендените се славеа дома. Ќе го викневме целото одделение, а мајката ќе подготвеше торта и кифлички. На масата секогаш имаше смоки, чипс и квики, како и газирани и негазирани сокови ( едвај чекавме скришно да се напиеме газиран сок без да ни стават шеќер за да го „разблажат“). За 1500 денари, роденденот беше покриен, а сите деца вклучувајќи го и славеникот среќни си легнуваа вечерта после веселбата. За подарок носевме училишен прибор- тетратка и моливче, или пак некоја книга, сликовница, украс. Си пуштавме музика на касетофон или ЦД плеер, игравме игри кои сами си ги измислувавме и бевме во некоја поинтимна атмосфера каде што сите можевме да се дружиме.

Денеска родендените се слават во игротеки, каде што децата ги анимираат неколку вработени девојчиња, а на некои родендени има и жонглери, акробати или кловнови. Понекогаш се оди и дотаму за деца од 7 години да има и диџеј на забавата, а често се прават и караоке забави.

Освен што треба да платите за децата, присуствуваат и родителите кои неретко знаат да се поднапијат, па сметката на крај е огромна. За славеникот, мама и тато купуваат кенди бар со слатки задоволства кој знае да чини и до 12 000 денари, па кога ќе се соберат сите трошоци на крај еден детски роденден можно е да достигне вртоглава цена и од 700-800 евра. Тортите најчесто може да чинат и по 3000-4000 денари, бидејќи се со ликовите од цртаните филмови или пак со некој суперхерој. Во последно време се прават и многу тематски родендени, а да се брендира целиот роденден со една тематика, навистина е дополнителен трошок.

Кога станува збор за подароците, денеска повеќе не се носат тетратки и моливчиња, туку децата имаат посебна желба за своите другарчиња да купат најскапи подароци, но не секој родител може да си го дозволи тоа. Тука и настануваат проблемите- финансиите се проблем и за оние кои слават, но и за оние кои се гости на роденденот.

Рака на срце, по некои игротеки може да се најдат и поевтини пакети за 8000-9000 денари, а и навистина понекогаш повеќе се исплати да отидеш два-три часа во игротека на раат, наместо дома да се прават два дена подготвки, пазарење и чистење.

Но, на крај останува прашањето- Се изгуби ли магијата на славењето детски родендени?

 

Leave a comment

error: Content is protected !!