Актерот Стивен Сигал е назначен за специјален претставник на руското Министерство за надворешни работи за хуманитарни врски со САД.

Во соопштението од руското МНР се наведува дека целта на назначувањето е да се подобри развојот на односите меѓу двете земји „во хуманитарната област, вклучувајќи ја и сферата на културата, уметноста, како и прашањата од областа на младите и социјалниот живот.

Според одделот за надворешна политика, Сигал ќе работи на развивање на руско-американските хуманитарни односи, пред сè, кога станува збор за културата и уметноста.

Американскиот актер доби руско државјанство во 2016 година.

– Отсекогаш сум чувствувал дека САД и Русија треба да бидат најдобри пријатели и сојузници. Без оглед на несреќната пропаганда што се случува околу нас, јас, како и досега, се придржувам кон таа идеја и подготвен сум да работам напорно за да ја постигнам таа цел. Ви благодарам за ваквата можност – изјавил Сигал.