Чудесен хотел во Кина: 16 катови под земја, два под вода, а цената…

Луксузниот хотел кој ќе биде отворен во вторник во Шангај им нуди вистински луксуз на гостите со длабок џеб.

Хотелот “Intercontinental Shanghai Wonderland Hotel” е изграден во длабока јама на некогашен рудник, така што 16 од неговите 18 катови се под нивото на земјата, а два се наоѓаат под вода.

“Проектирав многу различни типови на згради во Велика Британија, Европа и Дубаи, но ова е нешто потполно поинакво и стана речиси мое животно дело поради што можам да кажам дека тоа е веројатно најзначајната градба која некогаш сум ја проектирал”, изјавил главниот архитект Мартин Џонмен, познат по облакодерот Бурџ ал Араб во Дубаи.

Реализацијата на проектот започнала во 2006 година, но неговото завршување било одложувано неколку пати, најмногу поради технички проблеми како што се строгите прописи во врска со заштитата од земјотреси и одржувањето на нивото на водата.

Претставникот на УНЕСКО, Мајкл Крофт, го оценил хотелот со 336 соби како модел на одржлив развој.

“Можевме да го напуштиме рудникот, но не го сторивме тоа. Ние го претворивме во драгоценост”, изјавил Су Шитан, потпретседател на компанијата Шимао која го изградила хотелот.

“Intercontinental Shanghai Wonderland Hotel” е подигнат во Сонгџијанг, во близина на шангајскиот меѓународен аеродром Хонгкијао. Цените за преноќување се движат од 530 до 860 долари.

Leave a comment

error: Content is protected !!