Во организација на МКЦ и Кино Милениум, скопјани ќе имаат можност да уживаат во отворено летно кино во Градски Парк, Скопје.
На 6-ти јуни со почеток од 22:00, во Градски Парк ќе биде прикажан најтрофејниот македонски филм во изминатата година- „Исцелител“.
Филмот ги собра сите награди на голем број меѓународни фестивали, а позитивни критики доби и од најпрестижниот филмски магазин „Холивуд репортер“.
„Исцелител“ е дебитантскиот филм на режисерот Ѓорче Ставрески.
Веле работи во железничкото депо како механичар и платата му доцни со месеци. Немајќи пари да купи лекови за својот татко кој е болен од рак, тој прави колач со украдена марихуана за да му ги ублажи неподносливите болки. Одеднаш е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и соседите душкала кои сакаат рецепт за „магичниот“ колач, а во Веле гледаат нова надеж – исцелител.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Благој Веселинов, Александар Мичиќ, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Диме Илиев, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска.
Доколку се уште не сте го погледнале „Исцелител“, а сакате кино на отворено, 6 јуни и Градски Парк се одличен избор да го сторите тоа!