Што се случува со монетите од најпознатата светска фонтана во Рим?

Италијанската престолнина Рим, слободно можеме да ја карактеризираме и како градот на фонтаните. Имено, Рим има повеќе од две илјади фонтани, повеќе од кој било друг град на светот, од кои 50 отсто од нив се наоѓаат на оние места кои се сметаат за вредни историски споменици.

Некои од нив се Фонтаната четири реки која ја изгради Бернини и Титоновата фонтана, но ниту една не е толку позната како фонтаната ди Треви.

Архитектот Никола Салви ја замислил и дизајнирал оваа фонтана која е завршена во 1762 година, 11 години после неговата смрт и после вкупно 30 години градење.

Треви е најголемата барокна фонтана во Рим и веројатно најпознатата на светот.

Таа беше и местото каде се снимаа многу реклами и сцени од бројни филмови, а токму еден филм ја зголеми и нагласи традицијата за фрлање на монети во неа.

После филмот „Три монети во фонтана“ снимен во 1954 година, граѓаните и туристите почнаа да фрлаат кованици во фонтаната, верувајќи дека тоа ќе им донесе среќа.

Фрлањето на ситни паи во фонтаната, сепак, почна многу порано.

Многу одамна се веруваше дека ако се напиете чашка вода од фонтаната, тоа ќе ви донесе среќа и дека повторно ќе го посетите Рим.

Меѓутоа, со текот на времето оваа легенда се промени, па денеска се верува дека среќа и повторно враќање во Рим донесува токму фрлањето на монети со десна рака преку левото рамо, додека стоите свртени со грб кон фонтаната.

По договор постигнат со градот, парите од фонтаната секојдневно ги собираат луѓе од хуманитарната организација Каритас и ги користат за купување на храна и помош за сиромашните, како во Италија, така и во повеќе од 200 различни земји.

Просечно, дневно од фонтаната се собираат околу три илјади евра, што значи дека фонтаната ди Треви на годишно ниво донесува повеќе од милион евра.

 

Leave a comment

error: Content is protected !!