ТИМ Институт: СДСМ со подобар рејтинг и поголема доверба од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ објави анкета, според која, граѓаните имаат најголема доверба во оваа партија, а важни им се економијата, правдата, борбата против корупцијата и реформите, даваат висока поддршка за ЕУ и НАТО…

На наредните избори ќе победи коалицијата на СДСМ, одговориле 26,6 отсто од испитаниците во анкетата на ТИМ Институт, што од 10 до 20 јули на примерок од 1.024 испитаници ја спровел за потребите на владејачката партија. Во победа на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ верувале 23,9 отсто од испитаниците, а 5,1 отсто својата доверба и ја дале на ДУИ. Околу 40 отсто испитаници не посочиле свој фаворит за следните избори.

Три четвртини од испитаниците би гласале на наредните избори, покажало истражувањето „Ставови и перцепција на граѓаните за социополитичката состојба во Република Северна Македонија“.

За СДСМ би гласале 24,4 отсто, а за ВМРО-ДПМНЕ 21,1 отсто. На следните избори ДУИ би добила доверба од 5,6 отсто од избирачите. Повеќе од 43 отсто од испитаниците рекле дека нема да гласаат, уште не одлучиле или одбиле да одговорат.

Речиси 30 одсто од испитаниците одговориле дека ставовите на СДСМ и коалицијата  се најблиски до нивните лични ставови, а 20 отсто нашле блискост со ставовите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Блискост со ставовите на ДУИ чувствуваат 6,3 отсто од испитаниците.

„Кога и да има изброи, СДСМ би победила, но добро е за државата, за економијата и граѓаните, мандатот да биде завршен до крај. Како одговорна партија, остануваме со граѓаните, продолжуваме со спроведување на мерките и политиките што обезбедуваат економски раст, реформи во институциите, градење неселективен правен систем и целосна интеграција на државата во ЕУ и НАТО.“, соопшти СДСМ објавувајќи ги резултатите.

На прашањето дали владата заслужува повторно да биде избрана, 45,2 отсто испитаници сметале дека заслужува , а 43,8 дека не заслужува. Но, на прашањето „дали опозицијата заслужува да биде избрана на место на сегашната влада“,  29,1 отсто одговориле „ДА“, а 56,8 отсто „НЕ“.

Поддршката од меѓународната заедница е најпозитивна карактеристика на СДСМ за безмалку 60 отсто од испитаниците, а следат „визија за иднината и добри политики и програма“ и „досегашните резултати“ со по околу 48 отсто позитивни одговори.

Генерално, испитаниците имале повеќе позитивни мислења за карактеристиките на партијата во сите категории.

Најголеми замерки СДСМ добила во категориите „чесност и искреност“, со 41 отсто негативни мислења, „работливост и ефикасност“ (40 отсто негативни мислења) и 39 отсто за досегашните резултати.

Во исти шест карактеристики, опозициската ВМРО-ДПМНЕ добила многу понегативни оценки. Најдобрата оценка со 36 отсто позитивни мислења ја добила за тим и кадри, 33,4 отсто за работлвост и ефикасност и 32,4 за досегашни резултати.

Најлошо оценета карактеристика на најголемата опозициска партија, според 53,1 отсто од испитаниците, е немањето поддршка од меѓународната заедница, нечесноста и неискреноста (51,5 отсто негативни мислења) и немањето визија за иднината и добри политики и програма (47,3).

Генерално негативни оценки добила и ДУИ. Најлошо била оценета во категоријата „чесност и искреност“, „работливост и ефикасност“ и „визија“, а единствената позитивно оценета категорија е „поддршка од меѓународната заедница“, во која има повеќе позитивни од негативни оценки.

За граѓаните најважен проблем со кој се соочува земјата во моментов е „економија, вработеност“ (25 отсто), „криминал и корупција“ (20 отсто) и „владеење на право, судство, правда“ (15 отсто). Најголеми проблеми лично за граѓаните претставувале „економија, вработеност“ (24,2 отсто), „личен стандард“ (24 отсто) и „здравство“ (10 отсто)

Граѓаните не веруваат дека ниту една партија би можела да ги подобри состојбите во  „владеење на правото, судство, правда“, во криминалот и корупцијата, во личниот стандард, во здравството и во образованието. На прашањето „која партија најдобро би се справила со наведените проблеми“, овие пет категории добиле најмногу одговори „ниту една“.

Од трите партии, испитаниците и дале најголема доверба на СДСМ за потенцијалот да се справи со проблемите. Најдобро е оценет потенцијалот на партијата да ги спроведе евроатлантските интеграции (43,8 отсто), меѓуетничките односи (36,6) и човековите права, демократија и слобода (32,9). Најмалку доверба во СДСМ испитаниците имале во справување со криминалот и корупцијата, 23,9 отсто.

Повеќе од половина испитаници го прифаќаат Преспанскиот договор, иако на секој четврти не му се допаѓа, но сметал дека бил неопходен. Речиси ист процент, по една третина испитаници, целосно го поддржуваат или целосно се спротивставуваат на договорот.

На прашањето „како гласавте на референдумот“, 45 отсто испитаници одговориле дека гласале „ЗА“, 34 отсто не излегле, а околу 8 отсто гласале „ПРОТИВ“

Повеќе од три четвртини од испитаниците го поддржуваат членството во НАТО, а околу 19 отсто биле против. Членството во ЕУ, пак, добило поддршка од 82 отсто испитаници.

Leave a comment

error: Content is protected !!