Стефанова за „Империја“: Имотот на Камчев е замрзнат и тој не може да го отуѓува

„Имаме известувања за сите дејствија кои ги презема Јордан Камчев како управител и член на управен одбор и преземаме законски дејствија кои можеме да ги преземаме во овој момент“,  кажа обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“, по информациите во јавноста дека Камчев се повлекол од раководните позиции во Орка холдинг.

Истрагата за „Империја“ во кој  Орце Камчев е првоосомничен е стопирана, но имотот и натаму му е замрзнат, додаде обвинителката.

„Тој не може да отуѓува имот, затоа што имотот е замрзнат“, рече Стефанова.

Според Обвинителството за организиран криминал, Катица Јанева која сега е во притвор дала налог на Орце Камчев да му биде вратен пасошот и да му се замени затворскиот со куќен притвор, а договорала и спогодба за негово ослободување со која тој би платил незначителна сума на државата.

За ваквите олеснувања кои ги добил, Камчев и неговата сопруга платиле 1,5 милиони евра на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоки Милески – познат како Зоки Кичеец.

Стефанова и денеска потврди дека имало намера да се склучи спогодба со Камчев.

„Спогодба за Империја не се склучи затоа што не се донесе таква одлука, но имаше намера за тоа“, нагласи Стефанова, која и по објавувањето на снимките во италијанскиот весник тврдеше Јанева сакала да склучи спогодба со осомничените во Империја и Поштенска банка – тие да платат оштета на државата и да бидат ослободени.

На прашањето дали знае каде се наоѓа Камчев, Стефанова одговори дека нема овластувања да побара информација каде е тој, затоа што истрагата за „Империја“ е стопирана по правното мислење од Врховниот суд со кое се запреа сите истраги кои  СЈО ги отвори по 30 јуни 2017.

Leave a comment

error: Content is protected !!