Пролетно разубавување: Природни маски за лице кои можете да ги направите дома

Истакнете ја убавината со помош на природата. Остварете си го сонот за беспрекорна кожа со здрав блесок и свежина со маски кои можете да ги направите во вашата кујна.

  • Банана за хидратација и природен блесок

зрела банана

1 мала лажичка мед

сок од лимон

Испасирајте ја бананата, додајте го медот и исцедете во смесата четвртина лимон. Нанесете ја на лицето и оставете ја да делува 15-тина минути.

  • Портокал и сода бикарбона за комедони

1 мала лажичка сок од портокал

1 голема лажица сода бикарбона

Измешајте ги состојките и нанесете тенок слој од пастата на лицето. Оставете ја да делува 20 минути. Пред да ја измиете можете да си направите ексфолијација така што ќе ја истриете кожата со навлажнети прсти со кружни движења.

  • Домати за кожа склона кон акни

1 домат

1 мала лажичка мед

1 мала лажичка измелени овесни снегулки

Изблендирајте го доматот, а потоа додајте ги овесните снегулки и медот. Ставете ја маската на лицето и оставете ја да делува 20 минути пред да ја измиете. Оваа маска помага и за побрзо избледнување на лузните од акни.

  • Авокадо за сува кожа

половина авокадо

половина чаша овесни снегулки

Подгответе ги овесните снегулки според упатството на пакувањето, а потоа измешајте ги со авокадото. Ставете ја маската на лицето и оставете ја 15 минути. Маската можете да ја користите и за омекнување на кожата на колената и лактите, како и за деколтето и вратот.

  • Кафе за позатегната кожа и перничиња под очите

1 мала лажичка кафе

1 мала лажичка мед

1 мала лажичка јогурт/кисело млеко

Измешајте ги состојките и нанесете ја маската на чиста кожа. Нека делува 20-тина минути пред да ја отстраните. За да го елиминирате слојот мртва кожа, пред да ја измиете маската, измасирајте го лицето со кружни движења.

  • Бадеми за големи пори

половина чаша непечени бадеми

1 голема лажица мед

половина лажица сок од лимон

Бадемите е неопходно да ги оставите да киснат во вода преку ноќ. Штом ќе омекнат, изблендирајте ги и во нив додајте ги лимонот и медот. Нанесете ја маската на лицето и оставете ја да делува 20 минути.

  • Јаготки за избелување на лузни од акни

3 големи јаготки

1 голема лажица јогурт/кисело млеко

1 мала лажица мед

Испасирајте ги јагодите и измешајте ги со медот и јогуртот. Премачкајте го лицето со смесата и оставете ја да делува 20 минути.

Leave a comment

error: Content is protected !!