По Заев, и Шекеринска, Димитров и Ременски најавија тужби за текстот за исказот на Камчев во “Рекет”

Шекеринска, Ременски и Димитров преку статуси на Фејсбук најавија тужби за лажни вести кои како што велат се „одвратни инсинуации, а тоа што текстовите се непотпишани од автор докажува дека се нарачани од ‘непознати‘ газди“. (Фото: СДК.МК)

И министрите за одбрана и надворешни работи Радмила Шеќеринска и Никола Димитров, како и пратеничката Фросина Ташевска-Ременски најавија дека ќе ги тужат порталите Инфомакс и Република поради изнесени лаги по објавувањето на документ од исказот на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец.

Министерката Шекеринска на својот Фејсбук профил напиша дека нема да бара извинување, туку веднаш ќе поднесе тужба бидејќи овие „портали со непотпишани текстови обработуваат за своите ‘непознати‘ газди“.

„Ќе ја тужам Република за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека со секој од своите непотпишани текстови, се одработува за своите ‘непознати‘ газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите кои ги чувме во бомбите и видовме на дело претходните 10 години. Создадоа мафијашка структура која одземаше фирми и уништуваше животи преку ноќ, која контролираше, уценуваше и плаќаше новинари, која знаеше само да потплаќа, купува и продава. И сега сака да избега од правдата и одговорноста. Што ќе прави? Истото тоа, но со повеќе лаги и повеќе пари. Не успеаја досега. Нема ни сега“, напиша Шекеринска на Фејсбук.

И пратеничката Фросина Ташевска-Ременски преку фејсбук статус најави тужба за порталот Инфомакс поради груби клевети и невистини.

„Селективното презентирање на содржината од објавениот записник со манипулирање и насочување кон заклучоци и новинарски интерпретации за моја внешаност и на мојот сопруг во случајот ‚Рекет‘, се груби клевети и невистини. Овој текст продуцираше написи и наслови во други портали со иста содржина. Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита“, напиша Ременски на својот Фејсбук профил.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров исто така најави тужба за „ одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре“.

„Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда. Очекувам и пропаганда и нечесна битка и мојот одговор секогаш ќе биде достоинствен, но истовремено и безмилосен кон криминалците и оние кои нив ги штитат преку дефокус и лаги.Влегов во политиката за да го тргнеме срамот од очигледниот криминал и корупција и нема никогаш да престанам во борбата со ова црнило“, вели Димитров во својот фејсбук профил.

Премиерот Зоран Заев денеска прв најави тужби заради пишување и ширење на лажна веста за негова вмешаност во случајот „Рекет“ и ги повика Шекеринска, Димитров и Ремески, заедно со него да поднесат тужба за клевата.

Leave a comment

error: Content is protected !!