Пендаровски: Разочаран сум од Катица Јанева

Претседателот на државата Стево Пендаровски е разочаран од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради вмешаноста во случајот „Рекет“, иако досега секогаш ја бранеше и поддржуваше.

Пендаровски побара ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата за случајот „Рекет“, се разбира, како што рече, со почитување на пресумпцијата на невиност.

На денешната прес-конференција Пендаровски рече дека е разочаран од она што го слуша и повикал на брза и темелна истрага.

„Наместо тоа надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за рутинска проверка. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан и јас како граѓанин човек сум разочаран што се изневерени и моите очекувања“, рече Пендаровски.

Тој, исто така побара, ако има докази, да се поднесат обвиненија против сите инволвирани во случајот и ги повика оние кои се споменати во снимките самоиницијативно да дадат изјави пред јавен обвинител.

„Како граѓанин  сум разочаран што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекувавме да се борат за правна држава. Свесен за мојата одговорност како претседател на сите граѓани и мојата должност да ги штитам интересите на државата и нејзините граѓани, нејзиниот  просперитет и безбедност, како и реализацијата на стратешките надворешно-политички цели кон кои изминативе две години забрзано се движиме – НАТО и ЕУ  барам од надлежните институции  ефективно, брзо и темелно завршување на  истрагата почитувајќи го начелото на презумпција на невиност“, рече тој.

Пендаровски бара да се поднесат обвиненија доколку има докази и за политичари и за сите други кои биле вмешани во овој голем скандал.

Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, Пендаровски инсистира и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

„Никој не смее да биде над законите во оваа држава. Оние кои не го знаат тоа или не го почитуваат, треба да им го отстапат на други лица. Како што се борев за СЈО во изминатите четири години, мислам дека ќе продолжи да ја гони високата корупција, поединци не се СЈО“, рече Пендаровски.

Според него, еден обвинител не може да го доведе во прашање целото обвинителство и рече дека е изненаден како и сите граѓаните на Македонија.

Сите досегашни истраги на СЈО, сите изведени докази, како што рече, не можат да бидат прогласени за невалидни, по дефиниција, дури и ако се докаже дека некои обвинители работеле спротивно на законот.

Од медиумите побара професионално да известуваат и да ги проверуваат изворите на информациите.

Leave a comment

error: Content is protected !!