Обвинетите во „Титаник“ побараа одложување на рочиштето поради „Рекет“

Адвокатот Петар Василев кој ги застапува дел од обвинетите во ,,Титаник“ побара денеска да се одложи  судењето поради како што рече ,, новонастанатата ситуација“.

-Сите обвинети се во судница и нивните адвокати се овде, што е доказ дека не сакаме да се одолговлекува судењето, но барме денеска да се одложи додека не се расчисти новиот случај, рече Василев.

Судијата Осман Шабани не го прифати барањето.

-Има Обвинителство кое го води тој случај и ние немаме правна основа да го прекинеме судењето, рече Шабани.

Тој напомена дека иако обвинението е покренато од СЈО, а шефицата Катица Јанева поднесе оставка, повлекувањето на Јанева е условено што значи дека се уште е на позицијата.

Титаник го покрена СЈО, а пред судот го застапува обвинителката Лиле Стефанова. Стефанова ја води и истрагата за Империја што се најде во центарот на аферата  „Рекет“. Обвинителката Стефанова во врска со овој случај, во писмената изјава тврди дека осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделевски се обиделе да извршат влијание врз предистрага за Империја, користејќи го нејзиното познанство со Ванчо Чифлиганец, кој како што вели Камчев во еден од разговорите му побарал дуќан за стоматолошка ординација за Стефанова.

Стефанова исто така во изјавата тврди дека Јанева му го укинала куќниот притвор на Камчев и му го вратила пасошот, иако таа како обвинител која го водела предметот Империја не се согласила со тоа.

Обвинителот Љубомир Јовески најави дека сите инволвирани неделава ќе бидат повикани на распит.

На судењето за Титаник кое се однесува за изборни неправилности, Стефанова презентира докази – изводи од банки за пари кои биле уплатувани на сметката на ВМРО ДПМНЕ.

Стефанова денеска не даде изјава за новинарите.

Во предметот Титаник првообвинет е експремиерот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија каде доби азил, а заедно со него обвинети се ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој од петокот е во домашен притвор, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, актуелниот пратеник Илија Димовски и шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Билјана Бришкоска-Бошковски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

СЈО ги товари за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во неколку изборни циклуси.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.600 од над 5.900 предложени материјални докази од СЈО.

Leave a comment

error: Content is protected !!