„Кога ќе станеш мајка на момчиња, се менуваш, еве како“

Вистински предизвик за мајките е да растат машки деца, пред сè поради тоа што немале допирни точки со многу нешта кои им се омилени на момчињата.

Кристин Орган е мајка која редовно пишува текстови за тоа како е да се воспитуваат машки деца. Таа признава дека нејзиниот живот целосно се променил откако станала мајка на момчиња. Еве како:

Се менуваш на начинот на кој мајчинството нè менува сите нас, но се менуваш и на други начини…

Кога ќе станеш мајка на момчиња ќе научиш да го задржуваш здивот и да ги затвораш очите и да го чуваш твоето „Внимавај“ за навистина важните моменти.

Ќе научиш да сакаш филмови како „ Star Wars“ и „Avengers“ – франшизи кои до пред неколку години не знаеше ни дека постојат – а сега дури шпекулираш како ќе завршат и кои се приказните зад ликовите. Ќе се шокираш кога ќе откриеш дека всушност имаш омилен суперхерој, а пред 5 години не знаеше да именуваш ниту еден од нив.

Ќе станеш екстремно чувствителна на „токсичната машкост“ и ќе бидеш на работ да вреснеш секојпат кога ќе слушнеш фрази како „биди маж“, „порасни“ или „како девојче“.

Ќе станеш свесна за одговорноста што ја имаш да ги научиш да бидат љубезни и да им помогнеш да останат грижливи.

Ќе ти стане удобно во близина на кал и грубијанство и врева. Ќе се навикнеш на мирисот на тинејџерска пот и ќе најдеш начин како тактички да ги потсетиш да користат сапун и да ставаат проклет дезодоранс.

Кога ќе станеш мајка на момчиња, ќе научиш да бидеш вешта во Fortnite и Minecraft и да бидеш во тренд со најновите поп музички трендови.

Ќе станеш свесна колку е важно за нив од тебе да научат како да се однесуваат кон жените. Ќе си ветиш себеси дека ќе им покажеш како да ги користат машината за перење облека и машината за садови (на правилен начин). Ќе им кажеш милион пати да не си ги расфрлуваат чорапите.

Кога ќе станеш мајка на момчиња, ќе сфаќаш повторно и повторно и повторно колку големи глупости се стереотипите за момчињата и девојчињата. Ќе бидеш загрижена дека светот ќе се обиде да ги оформи во нешто што тие не се.

Кога ќе станеш мајка на момчиња, ќе ти стане удобно да ризикуваш, помалку ќе се плашиш од непознатото. Ќе се чувствуваш и похрабро и поисплашено отколку што некогаш си мислела дека е возможно.

Ќе научиш како да НЕ влегуваш на теренот кога тој ќе биде удрен со топка за време на натпревар.

Ќе започнеш да велиш „Биди паметен“ наместо „Слегувај“ кога тој ќе се качува на највисоките гранки на дрвото или на врвот на карпата. Бидејќи, и покрај сè, ти навистина посакуваш тие да го видат светот, колку и страшно да ти изгледа.

Да, кога ќе станеш мајка на момчиња, се менуваш.

Твоето срце станува малку погрубо, но истовремено и малку помеко, а многу многу поголемо. Бидејќи, преку нив, и тебе ти се отвора еден целосно нов свет.

(Се разбира, како мајка, знаеш дека сите овие нешта можат да бидат точни и за ќерки.)

Leave a comment

error: Content is protected !!