Катица Јанева ја очекува ПРИТВОР

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, е осомничена за злоупотреба на службената положба во случајот „Рекет“. Обвинителството за гонење на организиран криминал бара да и се одреди притвор.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески соопшти дека од досега обезбедените докази се потврдува дека Јанева, искористувајќи ја својата положба во СЈО, влијаела осомничениот Јордан Камчев во случајот „Империја“ да добие олеснителни околности за време на истрагата, а за возврат тој исплатил 1,5 милиони евра.

Парите во два наврата ги зеле осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец. Првата транша од 500.000 евра им била исплатена од сопругата на Камчев, Ана Камчева, додека тој бил во притвор. Втората, од 1 милион евра, им била искеширана во домот на Камчев на 20 февруари во ташна „Луј Витон“. Овој датум се совпаѓа со снимката која беше објавена во италијанскиот весник „Ла верита“, каде се гледа како се бројат парите и потоа Боки 13 и Кичеец заминуваат од домот на Камчев.

За возврат, Камчев, прво од притвор бил пуштен во домашен притвор, а потоа му бил и вратен пасошот. Јовески соопшти дека Обвинителството поседува несоборливи докази дека од парите Јанева добила на подарок предмети и мебел во вредност од 298.000 денари (околу 5.000 евра), а Боки 13 и Кичеец 1,5 милион евра. Јавниот обвинител уверува дека Обвинителството за секој за којшто ќе утврди дека сторил кривично дело ќе ја прошири истрагата

„Досега обезбедените докази потврдуваат дека се работи исклучиво за кривично-правен настан и затоа случајот не треба да се политизира или пак да се поврзува со учество и на лица од други држави. Нагласуваме дека нема ниту една индиција дека незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари.“, изјави Јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Јовески рече дека обвинителката Јанева не поседува имунитет, а одлуката дали ќе оди во притвор ќе ја донесе судија на претходна постапка. Катица Јанева беше приведена попладнево од нејзиниот дом, а пред да ја изведат пред суд, во нејзино присуство се вршеше одземање на компјутери и документи од просториите на СЈО.

Leave a comment

error: Content is protected !!