Европската Комисија не го коментира притворот на Јанева

Брисел, 22 август 2019 (МИА) – Европската Комисија засега се воздржува од коментари за случајот „Рекет“ и вчерашната одлука за притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, порачаа портпаролските служби на ЕК за МИА.
Фото: МИА

Сепак, од Европската Комисија нагласуваат дека од македонските власти се очекува темелна истрага.

– Не коментираме тековни истраги, ЕУ потсетува дека е важно да продолжи борбата со корупцијата од високо ниво и да се воспостави правна одговорност за секаков криминал, стои во кусиот одговор на Европската Комисија до МИА.

Извори во Европската Комисија, која одигра значајна улога во создавањето на СЈО за време на преговорите од Пржино, велат дека од блиску се набљудуваат настаните во Северна Македонија околу случајот „Рекет“ и дека засега во ЕК немаат јасна слика за тоа што точно се случува.

– Ситуацијата е многу комплексна, и чекаме да добиеме појасна слика и повеќе информации за да можеме евентуално да коментираме, велат дипломатите во Брисел.

Работата на СЈО, борбата против корупцијата и организираниот криминал се меѓу клучните услови за добивање датум за преговори во октомври, датум кој досега два пати беше одложуван.

Во Брисел никој не сака да шпекулира дали и како ќе се одразат последните случувања врз одлуката за доделување датум за преговори, но проценката е дека доколку власта и опозицијата во Северна Македонија покажат одлучност да се справат со корупцијата и да изнајдат трајно и убедливо взаемно решение, датумот сѐ уште е на дофат за земјата во октомври, коментираат за МИА дипломатите во Брисел.

 

Leave a comment

error: Content is protected !!